• понеделник, 03 март 2025

Михајловски за МИА: На македонскиот образовен систем му треба силна промена, без вклученост на политиката

Михајловски за МИА: На македонскиот образовен систем му треба силна промена, без вклученост на политиката

Свети Николе, 2 март 2025 (МИА) – На македонскиот образовен систем му треба силна промена, без вклученост на политиката. Промена која пред се треба да биде квалитетна, стабилна и издржана, вели во интерју за МИА, наставникот Иле Михајловски од Свети Николе, кој годинава се најде меѓу 50 најдобри наставници во светот. Приказната за Михајловски блеска во нашиот образовен систем не само заради тоа што речиси 30 години како одделенски наставник ги описменува своите ученици, туку и ги учи на емпатија, одговорност и хуманост. Неговите ученици од претходните генерации учествувале на голем број натпревари, а меѓу нив има и државни победници и голем број успешни луѓе.

- Често на самиот себеси знам да си кажам „Верувај во себе“ и тоа би им го кажал на сите мои колеги, а на родителите дека ништо поважно во животот не треба да им биде од нивните деца. Не е важна кариерата, трката по пари и материјален натпревар во средината, ако цената на нивното отсуство ја плаќаат нивните деца, порачува Михајловски.

Михајловски, кој е меѓу 50 најдобри наставници во светот, им порачува на родителите да вложат најмногу во воспитувањето на нивните деца, да им втемелат морални вредности, доблест, емпатија и човечност, затоа што сегашните деца се оставени сами на себе и на најлошиот другар што може да го имаат – телефонот и компјутерот. Според Мијахосвки, затоа се поголем број деца се анксиозни, депресивни, имаат отсуство на социјални вештини, тешко  склучуваат другарства.....

- Сето ова никако не може да изгради стабилна и зрела личност, колку и да се трудиме ние наставниците. Децата учат од моделите што ги гледаат од родителите и наставниците, затоа е сериозно време да се запрашаме каков модел сме сите ние за нашите деца и ученици, вели Михајловски.

Интервјуто го пренесуваме во целост:

Господине Михајловски, бевте во трката во изборот на Топ 10 наставници во Дубаи. Какво искуство беше за вас да учествувате и да биде дел од светската манифестација „Global Teacher Prize“ организирана од Varkey фондацијата со поддршка на УНЕСКО и GEMSEducation која веќе деветта година по ред го одржува овој настан?

- Периодот од 10 до 13 февруари сите ТОП 50 финалисти бевме во Дубаи. Неверојатно искуство и уште поневеројатно доживување. Иако не влегов во ТОП 10 финалистите бидејќи конкуренцијата беше голема, за мене ова е сериозно голем успех и како наставник и како човек. За време на престојот во Дубаи, освен ние ТОП 50 финалистите, присутни беа и финалисти и победници од претходните години, придружени со екипа од вработени во Varkey фондацијата. Дводневниот престој во Дубаи беше испланиран во целост, од посета на Американската академија во Дубаи, Велингтон училиштата и двете под покровителство на GEMSEducation каде бевме пречекани од директорите и вработените. Во академијата бевме почесни гости каде бевме дел од предавања на еминентни гости од Америка, претставници од УНЕСКО, научници и докажани еминентни професионалци од различни полиња.

Првиот ден наречен СПАРК беше во контекст каде освен најдобрите наставници се отвара можност за вклучување и на најдобрите ученици во светот како двигатели на подобро образование во светски рамки. Вечерта беше организирана гала вечера на која беа присутни и шеикот Мохамед бин Рашид Ал Мактум емиратски политичар и крал, кој е актуелен владетел на Дубаи и потпретседател и премиер на ОАЕ, Сани Варки, основачот на Varkey фондацијата, претставници на УНЕСКО. Двајцата одржаа говор пред присутните наставници и гости, каде на сцената беа претставени и ТОП 10 финалистите на Global Teacher Prize. Победникот беше прогласен на 13 февруари на Светскиот глобален самет кој се одржа во Дубаи. Победник за оваа година беше Мансур Ал Мансур од Саудиска Арабија.

Инаку, процесот на аплицирање се одвива електронски на два начини: можеш сам да аплицираш или да бидеш номиниран од некој (не мора да е наставник, било кој што добро ја познава вашата работа). Јас бев номиниран, бев информиран по електронска пошта, потоа во период од три и пол недели ја пополнував апликацијата, која е доста обемна. Крајниот рок за аплицирање беше до 16 декември, по што се затвора апликацијата. На 31 декември бев интервјуиран онлајн од страна на вработени од Varkey фондацијата. Триесетминутното интервју беше на англиски јазик и во интервјуто беа поставени прашања за она што најмногу им привлекло внимание од моите постигања, успеси и работа. Инаку, апликациите ги оценуваат 90 еминентни судии од цел свет кои лично не ги познаваме, но по веќе поставени критериуми за оценување. Оваа година имаше аплицирано над 5.000 апликации од 89 земји од светот. Да се биде во ТОП 50 финалисти во светот, за мене е огромен успех, привилегија, чест, но и одговорност. Она што јавноста можеби не го знае, сите ТОП 50 финалисти сме веќе официјални амабасадори на Varkey фондацијата на кои допрва ни се отвараат многу врати, следат многу активности и вклучувања во проекти на светско ниво што е најубавиот дел од се.

Наставниците постојано се надоградуваат со знаење. Какво знаење стекнавте по оваа манифестација, имајќи предвид дека имаше наставници од цел свет?

- Наставникот никогаш не престанува да се надоградува себеси и како наставник и како човек. Процес на доживотно учење, нормално доколку имаш желба, амбиција и квалитети кои сакаш постојано да ги надоградуваш. Со оглед на тоа што престојот беше краток (два дена со веќе испланирана агенда) , она што сите успеавме да го направиме за толку кратко време е да се запознаеме меѓу себе колку што можевме, да размениме искуства и идеи. Најважното од се, се вмреживме сите едни меѓу други, се разменија контакти, се разменија идеи за можни проекти, активности, посети и настани. Токму тоа е и главната цел на Varkey  фондацијата и настанот Global Teacher Prize. Од почетокот до оваа година, вклучувајќи не и нас овогодинешните ТОП 50 финалисти, оваа фондација ги има собрано во овие девет години најдобрите 450 наставници од светот, кои се веќе нивни амбасадори. Сите 450 амбасадори се движечката сила на оваа фондација кои во иднина ќе бидат вклучени во подобрување на образованието низ целиот свет.

Според вас, дали има голема разлика меѓу нашиот образовен систем и оној на колегите кои ги запознавте во Дубаи?

- Секако дека има. Со оглед што сите ТОП 50 финалисти се од 50 држави од светот, значи дека има големи разлики. Разликите генерално се и добри и лоши, зависно кој наставник од која држава доаѓа. Од земји со високи образовни стандарди и стабилен и напреден образовен систем до најсиромашни земји во светот. Немавме доволно време додека престојувавме таму, но самите наши приказни како финалисти, објавени и на страната на фондацијата, доловија секому една јасна слика со кои предизвици се бори секој финалист во својата земја. Она што сигурно го знам е дека уште многу треба да се работи, не само во нашата земја, туку низ многу земји во светот во подобрување на образовните системи, се со цел да се обезбеди најдоброто за учениците во целиот свет.

Македонските наставници се трудат да бидат креативни, од своите плати издвојуваат за содржини, со кои полесно и посликовито им ја презентираат наставната материја на ученици. Каква дополнителна поддршка им е потребна на наставниците од училиштата и ресорното Министерство?

- Мотивиран наставник е почитуван и вреднуван наставник во секоја држава, во секое општество. Мотивиран наставник е пред се наставник кој е добро платен за својата работа. И ние сме луѓе со семејства, плаќаме сметки, образуваме свои деца. Платата треба да биде достојна за нормален живот за секој работник, секако и за наставниците. Од своите плати купуваме лаптопи, печатачи, хартија, ред други трошоци за изработка на нагледни и дидактички материјали. Сите наставници во нашата држава кои работат во рурални средини сами си ги плаќаат патните трошоци. Сите вакви трошоци ретко во која друга професија се финансираат од сопствената плата. Затоа и мотивацијата кај многу наставници е опадната, постои чувство на разочараност. Многу наставници со над 30 години работен стаж не ја стигнуваат просечната плата во државата која редовно е изедена од инфлацијата. Зголемувањето на платите на наставниците во нашата држава, вклучувајќи ги и сите наведени трошоци кои месечно ги издвојуваме од своите приходи, не става на работ на егзистенција, а тоа е далеку од мотивација. Затоа и се помалку млади луѓе се определуваат за овој вид професија, поради изгубениот респект на наставничката професија и ниските плати.

Дали може да опишете еден ден со вашите ученици?

- Секој ден со моите ученици е посебна приказна. Освен часовите и знаењата кои треба да ги пренесам, секојдневно се учиме на мотивација, за дружење, прифаќање на различностите. Се учиме колку е убаво да бидеш свој, колку уште поубаво е да се прифаќаме како такви, да учиме за убавината на другарството, да бидеме креативни. Преку игра и дружење да знаат дека секој е добар во нешто, дека добриот може да му помогне на послабиот, да се радуваат на заедничките искуства и успеси. Да знаат дека сме едно семејство кое постои за да дава пример на останатите, да прифаќа примери од другите, заедно да се искачуваме по скалилата на успехот, секогаш свесни дека по качувањето на тие скалила треба да си подадеме рака.

Вашите ученици освен што ги описменувате и им давате знаење, вие ги учите и на емпатија, тие се дел од хуманитарните акции што ги организирате.

- Во ова време ако мене ме прашате, на децата емпатијата им е најмногу потребна. Што од сите економски и социјални случувања, трката по материјалното, отсуството на родителите во воспитанието на своите деца, пројавува силна потреба да им се даваат секојдневно реални примери на емпатија. Така, директно учат колку е вредно да направиш добро дело, чувството кога делиш некому добрина. Затоа колку што можам ги вклучувам во моите хуманитарни акции. Она што мене ме радува многу како наставник и како човек што во моите хуманитарни акции редовно се вклучуваат мои поранешни ученици кои се веќе возрасни луѓе. Тоа најмногу ми ја полни душата, затоа што гледам дека нешто од мене останува да продолжува во нив.

Господине Михајловски, напорно е да се биде најдобар наставник, но и да се организраат хуманитарни акции, односно да им помагате на луѓето. Колку вакви акции имате досега организирано и која на вас лично ви оставила впечаток?

- Хуманитарни акции имам направено многу, ќе бидам искрен не сум ги броел. Но, од пандемијата наваму секоја календарска година традиционално одржувам акција во собирање на училишен прибор пред почетокот на секоја учебна година и акција во собирање на новогодишни пакетчиња пред Нова година. Најчесто акциите ги опфаќаат децата, но често се случува да има потреба да организирам акции и за семејства, болни лица. Секоја акција остава силен впечаток на душа, не можам да издвојам некоја посебно, затоа што секоја акција носи добрина. А добрината е универзална. Во сите акции се помагало на деца без родители, деца со посебни потреби, деца од СОС Детско село, деца со самохрани родители, предвремено родени бебиња, болни деца на онкологија, лица со инвалидитет... Секоја ми остава печат на душа, оти на сите нив им носи надеж, верба, се враќа довербата дека не се заборавени, дека некој мисли на нив. Штом после секоја акција изморен ќе се вратам дома, а душата е полна, значи дека печатот оставен на душа трае за цел живот.

Според вас што треба да понуди новиот Закон за основно образование и дали имавте свој предлог?

- На ова прашање ќе го кажам следново: На нашиот образовен систем му треба сериозно силна промена. Промена која пред се треба да биде квалитетна, стабилна, издржана. Надвор од законите, потребни ни се сериозно квалитетни наставни програми, квалитетни учебници, дидактички материјали и ресурси.... Образованието во една држава не треба да биде променливо со власта во државата, туку квалитетно, која ќе ги следи сите образовни квалитетни стандарди, напредокот на технологијата исклучиво во подобрување на образованието, што значи и соодветно и со голема предострожност вклучување на технологијата, знаејќи ги штетните влијанија која таа ги носи. Не значи дека нешто менуваме на подобро ако наставните програми и закони во образованието постојано се менуваат поради отстуството на квалитет, затоа што токму таквите чести промени и слабостите се тие кои ни го руинираат образовниот систем во државата. Ќе бидам искрен, без критика од моја страна кон никого, сериозно ни треба квалитетно образование без вклученост на политиката во истото.

Новинар: Викторија Димитрова-Јованова

Фото: архива на Иле Михајловски

 

 

Остани поврзан