• вторник, 24 декември 2024

Митрополит г. Петар: Христос се раѓа во оној, кој денес ќе го сретне својот ближен и ќе му посака секакво добро

Митрополит г. Петар: Христос се раѓа во оној, кој денес ќе го сретне својот ближен и ќе му посака секакво добро
Битола, 6 јануари 2022 (МИА) - Христос се раѓа во оној, кој денес ќе го сретне својот ближен, па поттикнат од љубов, ќе му посака секакво добро, истакна во својата Божикна порака, митрополитот преспанско-пелагониски и администратор австралиско-новозеландски, г. Петар. Митрополитот г.Петар нагласува дека Христос се раѓа во оној, кој денес ќе го подигне паднатиот, ќе му подаде рака на стариот и немоќниот, ќе му пружи утеха и лек на болниот. -Христос се раѓа во оној, кој поколебаниот ќе го охрабри и со осамениот збор-два ќе размени. Христос се раѓа во оној, кој ја гледа добрината во децата, полетот во младите и грижата на родителите и старите. Христос се раѓа во оној, кој денес скараните ќе ги измири, навредените и натажените ќе ги утеши, а на невоздржаните и исполнетите со омраза, ќе им прости, посочи митрополитот г. Петар. Тој додаде и дека Христос се раѓа во секој од нас, кој работи и мисли на должностите, на задачите, на работата, на обврските; кој сето ова го чувствува како повик од Бога, а притоа заборава на својата користољубивост, заработка и интерес. Митрополитот преспанско-пелагониски и администратор австралиско-новозеландски утре во утринските часови ќе богослужи во Храмот „Св.Великомаченик Димитриј“, по повод големиот христијански празник Божик. мт/вг/

Остани поврзан