• понеделник, 23 декември 2024

Митрески од Врховната рада на Украина: Како и досега низ историјата, демократските вредности ќе ја победат агресијата

Митрески од Врховната рада на Украина: Како и досега низ историјата, демократските вредности ќе ја победат агресијата

Скопје, 24 февруари 2024 (МИА) - Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Јован Митрески, на покана од претседателот на Врховната рада на Украина Руслан Стефанчук, претстојува во еднодневна посета на Киев, на настаните посветени на втората годишнина од почетокот на руската воена агресија од големи размери на територијата на Украина. Во рамките на посетата, тој се обратил на специјалната седница на Врховната рада на Украина.

Како што информираат од собраниската прес-служба, во своето обраќање пред украинските пратеници и високите гости, Митрески ја потврдил цврстата, недвосмислена и решителна поддршка и солидарност за Украина, украинските институции и украинскиот народ и нагласил дека граѓаните на Република Северна Македонија се, и остануваат со граѓаните на Украина за сета помош и поддршка што е неопходна.

Митрески изразил цврсто уверување дека, како и досега низ историјата, демократските вредности ќе ја победат агресијата, а соработката ќе се насочи кон разговори за подобар животен стандард, просперитет и развој, културна соработка и размена.

Спикерот Митрески потенцирал дека денеска се собрани во Киев за да испратат пораки за мир, разбирање, толеранција и почитување на другиот, но и порака на обединетост на демократскиот свет во поддршката за Украина.

-Во исто време да испратиме исто толку силна порака дека демократскиот свет е обединет во поддршката на Украина во борбата за правда, одбрана на нејзината територија и одбрана од империјалните апетити на нејзиниот сосед, истакнал Митрески.

Тој оценил дека руската агресија врз Украина е предупредување за сите дека мирот, независноста и слободата не треба да се земаат здраво за готово.

-Но, сето ова зло, сета оваа неправда, не го уништи духот на Украина, не ја уништи волјата на храбриот украински народ да се спротивстави на оваа агресија и да се бори за територијалниот суверенитет на сопствената држава и за сопствената независна и слободна иднина, додал Митрески, стои во соопштението.фф/вг/

Фото: Собрание на Република Северна Македонија

Остани поврзан