• вторник, 24 декември 2024

Митреска: Резултати од монетарната политика се големата доверба во домашната валута и забавувањето на инфлацијата

Митреска: Резултати од монетарната политика се големата доверба во домашната валута и забавувањето на инфлацијата

Скопје, 26 септември 2023 (МИА) - Резултатите од монетарната политика што ја води Народната банка ги гледаме во забавувањето на инфлацијата, големата доверба во домашната валута, но и во умереното забавување на кредитната активност за да не се предизвика голем шок во економијата, истакнуваввицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, при гостувањето на „Блумберг Адрија“.

Како што соопшти Народна банка, вицегувернерката посочила дека затегнувањето на монетарната политика се одвива со користење повеќе инструменти.

- Почнавме со затегнување во делот на ликвидноста, продолживме со постепено зголемување на каматните стапки, ги зголемивме капиталните барања на банките, воведовме претпазливи прагови во однос на потребните услови коишто треба да се исполнат за да се добие кредит, интервениравме кај задолжителната резерва, со цел поддршка на денаризацијата на билансите на банките, но и зајакнување на трансмисијата на основните монетарни сигнали, наведува вицегувернерката Митреска.

Таа истакнала дека редоследот и интензитетот на сите мерки одговараат на оцените коишто во континуитет се даваат за економските и финансиските услови. Одредени одложени ефекти од преземените мерки, како што рекла, ќе има и во следниот период, со оглед на тоа што мерките на сите централни банки се пренесуваат со одредено задоцнување.

- Степенот на пренос на промената во каматната стапка на централната банка врз каматите на банките, во различни земји е различен. Различен е дури и во земјите на еврозоната коишто имаат единствена монетарна политика. Ова покажува дека преносот секаде зависи од одредени специфичности на самиот пазар на пари, од просторот во билансите на банките и слично. Битно е дека има трансмисија, а кредитниот пазар и инфлацијата реагираат на монетарните промени, посочува вицегувернерката Митреска. Додаде дека менувањето на монетарната политика во следниот период ќе зависи од движењата и очекувањата за клучните показатели.

Митреска информира дека кредитната динамика засега е многу блиску до пролетните проекции на Народната банка, според кои на крајот на годината кредитите би бележеле раст од 5.7 отсто. Ова, како што се наведува, е забавување во однос на минатогодишната динамика од близу 10 отсто, кога имаше зголемена потреба за кредитирање и ликвидносна поддршка на компаниите поради енергетската криза, но и очекувана тенденција во околности на постепено затегнување на финансиските услови и помала склоност за задолжување. мд/цр

Фото: Народна банка

                           

Остани поврзан