• вторник, 24 декември 2024

Митев за МИА: Со напорна работа и пожртвуваност, македонската репрезентација може повторно до висок пласман на Европско и Светско првенство

Митев за МИА: Со напорна работа и пожртвуваност, македонската репрезентација може повторно до висок пласман на Европско и Светско првенство

Скопје, 10 мај 2023 (МИА) - Дваесетгодишниот македонски репрезентативец и член на ракометниот клуб Алкалоид, Марко Митев, е еден од нашите најперспективните ракометари. Од големите сениорски натпреварувања зад себе има Европско првенство, Медитерански Игри, а Светското првенство на почетокот на оваа година го пропушти поради повреда.

Во интервју за МИА, Митев зборуваше за очекувањата од настапите во националниот тим како и во клубот на Алкалоид, по избореното учество во европските купови по својата прва сезона во Супер лигата.

Неодамна македонската репрезентација избори учество на Европското првенство 2024, а токму ти беше еден од најзаслужните за победата над Турција во последното коло од квалификациите. Најважно е што е задржан континуитетот на настапи на големите натпреварувања, но јавноста очекува да се повторат резултатите од минатото. Има ли сили и квалитет оваа подмладена македонска селекција за висок пласман на Еуро или на Мундијал?

Да, како што кажавте, ние го продолживме тој континуитет на големите натпреварувања со една подмладена репрезентација, и јас мислам дека со напорна работа, пожртвуваност, може да ја постигнеме целта, да оствариме што поголем пласман на Европско и Светско првенство.

Како вие помладите сте прифатени од повозрасните репрезентативци, ја имате ли нивната поддршка? 

Супер сме прифатени. Повозрасните играчи во репрезентацијата ни даваат совети, некогаш не критикуваат добронамерно. Ја имаме целосно нивната поддршка. Сите сме како едно во репрезентацијата.  

Актуелниот македонски селектор Кирил Лазаров е и твој клупски тренер. Кој Лазаров повеќе вика по играчите, кога е тренер на Алкалоид или како селектор на репрезентацијата?

Пред сè, и на репрезентативно ниво, и на клупско ниво, Кире сака да победуваме и ни го внесува тој негов победнички менталитет. Се обидува да ни го пренесе несебично целото негово знаење што го има стекнато во неговата богата кариера. Некои работи се потешки, но, ние се обидуваме да ги сфатиме како што треба. Соработката со него ни оди супер.

Може ли накусо да ни го опишеш патот на твојата кариера? 

Почнав во РК Аеродром. Таму бев цели осум години. Први тренери ми беа Дарко Петровски и Горан Стојков. Играв прва лига четири години. Потоа отидов во Бутел, клуб со кој две сезони настапував во Супер лигата. Таму стекнав многу големо искуство. Сега сум член на Алкалоид. Ја играм првата сезона и ќе останам, имам договор уште три години. Со Алкалоид ние изборивме излез во Европа уште во првата сезона. Тоа докажува дека навистина квалитетно се работи во Алкалоид, и се надевам дека ќе имаме и позитивни резултати во европските купови.

Кои се твоите амбиции за понатамошната кариера, дали сакаш да играш некаде во странство? 

Пред сè имам договор тука, би сакал до крај да го одработам договорот со мојот сегашен клуб. Не сум размислувал за понатаму што ќе правам во кариерата. Има уште цели три сезони за играње. Би сакал еден ден да заиграм во странство, во некои многу попознати клубови, но и да останам тука, а Алкалоид да прерасне во еден силен европски клуб.

Дали имаш идол од големите странски клубови или клуб кој што ти е фаворит? 

Немам некој идол. Во денешно време сите клубови почнаа да играат модерен и силен  ракомет. Нема веќе слаби клубови. Така што, ќе видиме понатаму како ќе се одвива ситуацијата. Кога бев мал Лука Циндриќ му беше идол.

Ракометот е спорт во кој има многу физички контакт. Дали по некој груб старт од противнички играч си се покајал дека стана ракометар?

Не, никогаш не сум се покајал што го тренирам овој спорт. Кога почнав да се занимавам со ракометот јас се заљубив во него и никогаш не ми паднало на памет да се откажам.

По твоите стапки тргна и твојот помлад брат, Дамјан Митев, кој веќе е прекомандуван од Мулти Есенс во Алкалоид. На терен братскиот тандем функционира одлично, како е во приватниот живот, кој е главен, Марко или Дамјан? Дали дома разговарате за натпреварите, се критикувате ли меѓу себе по некој натпревар. Кој е понервозен после пораз?  

Дамјан дојде во клубот на полусезоната. На почетокот му требаше време да се вклопи во екипата, но тоа добро го направи. После секој натпревар ние заедно  ја анализираме играта. Има обострани критики, понекогаш знаеме и да се расправаме, но сè е добронамерно. Инаку, понервозен после натпревар сум јас. А и постар сум и тој мора да ме слуша.

Дали надвор од тренажните процеси и од натпреварите играте заедно рекреативно?

Да, посебно во лето, кога немаме тренинзи, играме заедно, не само ракомет туку практикуваме и други спортови.  

Покрај ракометот, ти си студент на Факултетот за физичка култура, спорт и здравје. Како наоѓаш време да ги исполниш сите овие дневни обврски, бидејќи знаеме дека за да бидеш професионален ракометар одзема прилично многу време? 

Професионален ракометар одзема време, но доколку сакаш да станеш успешен спортист, да го исполниш твојот сон, треба уште од мала возраст да се откажеш од некои работи. Како што се на пример, излегување до доцните часови.

Сакаш да кажеш дека воопшто не излегуваш? 

Не, има моменти кога излегувам, на пример, после натпревар, но обично пред да имам настап еден ден не излегувам и седам дома и се концентрирам на натпреварот.

Имајќи го предвид ова темпо на живот, може ли да ни кажеш кој е твојот рецепт за успех и твојата порака за младите спортисти? 

За да се стигне до успех, мора да се откажеш од нешто, но тоа подоцна ќе ти се исплати во животот. Мојата порака до подмладите е да тренираат, да бидат пожртвувани, и да работат максимално посветено. Во никој случај да не се откажуваат од тоа што го сакаат и така ќе стигнат до целта.

Ангела Рајчевска

Зоран Стерјовски

Остани поврзан