• сабота, 23 ноември 2024

Мировните преговори меѓу Русија и Украина да продолжат и да запре војната, порача кинескиот амбасадор

Мировните преговори меѓу Русија и Украина да продолжат и да запре војната, порача кинескиот амбасадор
Штип, 26 април 2022 (МИА) - Кина секогаш се залага за мировни преговори и е на страната на правдата, порача амбасадорот на Народна Република Кина, Џанг Ѕуо, на новинарско прашање за конфликтот меѓу Русија и Украина при денешната посета на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип. Забележа дека откако ескалира состојбата во Украина, неговата земја се залага за мировни преговори и секогаш е на страната на правдата. - Кинескиот претседател Си Џинпинг размени мислења со повеќе негови колеги, вклучувајќи ги и ЕУ-лидерите, францускиот претседател Макрон, германскиот канцелар Шолц, рускиот претседател Путин и претседателот на САД, Бајден. Главната порака на кинескиот претседател е дека тој е убеден дека Кина секогаш ќе биде важен фактор во обезбедување на светскиот мир. Кина исто така предлага решавање на украинското прашање, вели Ѕуо. Посочи дека најважно сега е сите засегнати страни да ги продолжат мировните преговори и да запре војната, на кој начин ќе се превенираат цивилните жртви и хуманитарната криза. - Долготрајното решение на кризата според нас е, да се отфрли менталитетот на Студената војна и блоковската конфронтација. Уште една работа која сакам да ја нагласам е дека санкциите нема да донесат мир и стабилност. Санкциите само ќе им наштетат на економиите на многу земји и ќе влијаат врз стандардот на граѓаните од овие земји, кои ќе ја платат цената на геополитиката и на конфронтацијата на големите сили, рече Ѕуо. Потенцира дека и Кина ќе работи со граѓаните и Владата на Северна Македонија за да се олеснат преговорите и да креираме долгогодишен безбедносен механизам во Европа. вдј/аа/

Остани поврзан