Конференција: Легислативата за вештачка интелигенција кај нас во фаза на развој, потребно е усогласување со европските текови
- Само преку инклузивен пристап македонското општество може да се соочи со предизвиците на вештачката интелигенција, а легислативата во земјава, која е во фаза на развој е потребно да се усогласи со најновите текови на европската легислатива, каде што се работи на регулација, со цел фирмите коишто ја обезбедуваат или ја развиваат да бидат одговорни, порача денеска директорот за развој и партнерства на Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис, Филип Стојановски.
Скопје, 19 декември 2023 (МИА) - Само преку инклузивен пристап македонското општество може да се соочи со предизвиците на вештачката интелигенција, а легислативата во земјава, која е во фаза на развој е потребно да се усогласи со најновите текови на европската легислатива, каде што се работи на регулација, со цел фирмите коишто ја обезбедуваат или ја развиваат да бидат одговорни, порача денеска директорот за развој и партнерства на Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис, Филип Стојановски.
Тој говореше на 19. издание на конференцијата е – Општество.мк на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, насловена „Вештачка интелигенција и човекови права: Потрага по вистинскиот баланс помеѓу иновација и одговорност“, при што напомена дека денешниот настан е постевен на урамнотежувањето на она што го гледаме како брз напредок на технологијата со потребата истовремено да се обезбеди добар и квалитет на живот на сите граѓани преку таа технологија, при што би се зачувале нивните основни човекови права.
- Токму затоа на настанот имаме неколку сесии на коишто прво се разговара за општото влијание на вештачката интелигенција, за тоа дека при нејзиниот развој, при самиот дизајн во неа треба да бидат вградени вредностите на човекови права и одговорно граѓанство, но и за опасностите коишто доаѓаат од примена на новите алатки кои користат вештачка интелигенција, коишто особено ги гледаме во сферата на дезинформациите. Тоа е нешто коешто влијае на голем дел од нашето население, особено преку социјалните мрежи, но и преку медиумите, рече тој.
Стојановски нагласи дека дезинформациите коишто се резултат на примена на вештачка интелигенција се присутни во нашиот регион, иако најголем дел од нив се генерирани, односно создадени во странство.
- Имаме ситуации во коишто т.н. deepfake, односно лажни видео снимки или илустрации коишто емитираат фотографии од светот се увезуваат кај нас и некои луѓе ги користат за да поттикнат поделби или да ги измамат своите сограѓани. Така што имаме ситуации во коишто на странски содржини се лепат домашни пораки коишто се често антиевропски, антидемократски или имаат намера да предизвикаат омраза кон некои делови од општеството како на пример на религиозна, родова или друга основа, истакна тој.
Стојановски потенцираше дека во рамки на проектот којшто „Метаморфозис“ го спроведува во регионот Западен Балкан наречен „Центар против дезинформации за Западен Балкан“ заедно со партнери од сите шест земји, утврдија дека во претходните изборни циклуси, дури и во нашиот регион, имало случаи на користење на вештачка интелигенција за генерирање на дезинформации.
Додаде дека таквите алатки го прават генерирањето на лажни видеа и лажни слики многу полесно од порано и се повеќе луѓе го користат, било на шега, но и во многу сериозни ситуации, како на пример за лажно претставување на изјави од кандидати на изборите, и нагласи дека многу е важно сите да бидеме добро едуцирани за можностите на новите технологии и за тоа како во една форма на медиумска писменост секој од нас може да препознае дали има некои манипулации или да знае каде да се обрати.
- Кај нас граѓаните го имаат на располагање сервисот за проверка на факти Вистиномер на којшто можат да ги видат најновите вести и анализи во врска со разоткривање на разни дезинформации коишто потоа им служат за да го изградат и својот одбранбен систем и да не бидат измамени, истакна Стојановски.
На конференцијата се обрати и шефот на кабинетот на министерот за информатичко општество и администрација, Дритан Даути, кој ги презентираше плановите на Министерството за вклучувањето на вештачката интелигенција.
- Денес, повеќе од кога било, нашето општество има можност да биде во чекор со модерното време и да создаде оптимални иновативни процеси со светски стандарди. Заедно со технологиите, иновациите, етиката, образованието како држава, а особено МИОА, мора да создадеме закони и регулативи за да се вградат во едно, инаку ако недостига еден од нив, нема да имаме иновативен екосистем и тоа може предизвикува повеќе штета отколку колку тоа ви дава резултати, истакна Даути.
Тој додаде дека поради тоа, МИОА и работните групи заедно со експерти од земјата и странство работат на креирање стратегија и акциски план за имплементација на вештачката интелигенција во администрацијата.
- Нашиот фокус е ставен на промоција на иновативен еко - систем кој не само што е во согласност со светските стандарди, туку, покрај технологијата, се фокусира и на инклузивноста и заштитата на основните етички принципи. За ова дефиниравме четири приоритетни столба за стратегијата за вклучување на вештачката интелигенција во државната администрација, рече тој .
Наведе дека прво ќе ја анализираат технолошката инфраструктура на ниво на државни институции, по што ќе излезат со инвестициски план и со тоа ќе се осигураат дека вештачката интелигенција ги исполнува и техничките и етичките стандарди. Потоа следува создавање закони и стандарди за нејзина имплементација во согласност со потребите и вредностите, при што ќе се применуваат искуствата и стратегиите на европските држави. Како трет столб ја спомена транспарентноста во развојот на вештачката интелигенција, дозволувајќи им на граѓаните, бизнисите и невладините организации да бидат дел од овие важни процеси. Во процесот потоа следуваат неформалните обуки, кои, како што рече Даути, се клучот за користење на вештачката интелигенција во државната администрација, за што и ја создаваат академијата за обуки во државната администрација.
Тој најави дека Министерството ќе обезбеди работната сила во земјава да биде опремена со знаење за да води иновативни процеси користејќи вештачка интелигенција како составен дел од процесите.
- Преку овој пристап и овие четири столба ќе го отвориме патот за иновации кои ги почитуваат достоинството и правата на секој поединец, нагласи тој.
Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ уште од 2005 година ја организира конференцијата е – Општество.мк која што претставува еден годишен настан на којшто се зборува за најактуелните теми во развојот на дигиталната сфера којашто ја допираат и нашата јавност, а од аспект, пред се, на заштита на човековите права и промоција на одговорно владеење, промоција на оние вредности коишто го сочинуваат демократското општество. сан/ац/
Фото: МИА