• вторник, 24 декември 2024

МИОА: Подготвени три закони за целосно исклучување на политичките влијанија при вработувањата

МИОА: Подготвени три закони за целосно исклучување на политичките влијанија при вработувањата
Скопје, 21 септември  2021 (МИА) - Министерството за информатичко општество и администрација одржа виртуелна (онлајн) средба со претставници на Секретаријатот за европски прашања (СЕП), Секретаријатот за законодавство, како и претставници на Генералниот секретаријат на Владата со претставници на СИГМА. Целта на состанокот беше институционална координација за реализација и имплементација на дигиталната агенда на Владата на Република Северна Македонија, информираат од МИОА. Од министерството соопштуваат дека во изминатиот период МИОА  работело и подготвило три нови закони и тоа: Законот за висока раководна служба, Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за административни службеници. - Овие три закони, кои се меѓусебно поврзани се основа за целосно исклучување на политичките влијанија, но и секој друг облик на влијанија во постапките за вработување во институциите на јавниот сектор. Законот за висока раководна служба е сосема нов закон во правниот систем во нашата држава, кој треба да овозможи деполитизација на администрацијата од врвот на пирамидата. Ќе бидеме меѓу првите држави во регионов со таков закон, кој во различни модалитети го имаат сите европски држави, обајснуваат од МИОА. Основната цел на овој закон е да се воспостави мерит-постапка за селекција на државни секретари во министерствата и општините, како и директори во органите на државната управа. -Со новиот Закон за вработените во јавниот сектор, систематски се регулираат правата и должностите на вработените во јавниот сектор, се дебирократизираат постапките, подготовката и донесувањето на функционалните анализи, актите за внатрешна организација и систематизација, како и годишните планови за вработување, велат од МИОА. Дополнително, со цел да се спречат злоупотреби во постапките за вработување на некои категории на лица, за кои немаше законски процедури за вработување, првпат се воспостави унифицирана постапка за вработување во сите институции на јавниот сектор, доколку истата не е регулирана со посебен закон. -Во насока на заокружување на процесот на реорганизација, воспоставена е пофлексибилна законска процедура за мобилност на вработените во јавниот сектор, односно нивно внатрешно распоредување во самата институција или преземање од една во друга институција. На крај направена е јасна разлика во надлежностите на Државниот управен инспекторат и Државниот инспекторат за труд, со што ќе се засили механизмот за имплементација на овој закон, затоа што досега имаше доста преклопувања и нејаснотии во надлежностите, поради што многу често топката се префрлаше од едниот на другиот инспекторат и обратно, објаснуваат од МИОА. Во насока на деполитизација и дебирократизација на процедурите е и Законот за административни службеници. - Со новиот закон во целост се поедноставуваат процедурите, што ќе придонесе за поголема функционалност на администрацијата. Во подготовката на новите законски решенија беа разгледани сите забелешки од Државната комисија за спречување на корупцијата, Транспаренси Интернешнл Македонија, но и сите останати релевантни меѓународни извештаи во однос на јавната администрација и имплементирани се сите нивни препораки, информираат од МИОА. ир/нд/

Остани поврзан