• среда, 18 февруари 2026

Минчев на средба со Петер Ваги од OECD/SIGMA: Интензивирање на реформите во јавната администрација и подготовка на клучни законски решенија

Минчев на средба со Петер Ваги од OECD/SIGMA: Интензивирање на реформите во јавната администрација и подготовка на клучни законски решенија

Скопје, 17 февруари 2026 (МИА) - Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денеска остварил работна средба со Петер Ваги, виш советник во OECD/SIGMA, на која биле разгледани клучните реформски процеси во областа на јавната администрација, со посебен акцент на подготовката на Законот за високите раководители на органите на државната управа и фондовите, како и на Закон за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ).

Министерството за јавна администрација соопшти дека на средбата се дискутирало за принципите на професионализација, мерит систем, транспарентност и отчетност во именувањето и управувањето со високите раководни структури во државната управа, како и за потребата од јасно разграничување на надлежностите, унапредување на координацијата и зголемување на ефикасноста во функционирањето на институциите преку новото законско решение за организација и работа на органите на државната управа.

Министерот Минчев ја истакнал важноста од континуираната експертска поддршка од страна на OECD/SIGMA во процесот на подготовка и усогласување на законските решенија со европските стандарди и добри практики.

-Реформата на јавната администрација претставува еден од нашите врвни приоритети. Со Законот за високите раководители поставуваме јасни, транспарентни и професионални критериуми за избор и одговорност на раководниот кадар. Нашата цел е администрација која работи во служба на граѓаните, заснована на знаење, интегритет и резултати, истакнал министерот.

Од Министерството додаваат дека од страна на претставникот на OECD/SIGMA била изразена подготвеност за натамошна поддршка, со цел обезбедување усогласеност со принципите на добро управување и европските административни стандарди.

-Министерството за јавна администрација останува посветено на спроведување сеопфатни и одржливи реформи, насочени кон јакнење на институционалниот капацитет, департизација и зголемување на довербата на граѓаните во јавните институции, додаваат од МЈА. нд/хс/

Фото: МЈА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан