Министри за надворешни работи на ЕУ ќе се сретнат со иранскиот колега во Женева
- Европските министри за надворешни работи денеска ќе се сретнат со својот ирански колега, со цел да го отворат патот за дипломатија околу спорната нуклеарна програма и покрај тоа што САД активно размислуваат да се приклучат кон израелските напади врз Иран. Министрите на Велика Британија, Франција и Германија, познати како Е3, како и шефот за надворешна политика на ЕУ, разговараа со иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, претходно оваа недела и се координираа со американскиот државен секретар Марко Рубио.

Женева, 20 јуни 2025 (МИА) - Европските министри за надворешни работи денеска ќе се сретнат со својот ирански колега, со цел да го отворат патот за дипломатија околу спорната нуклеарна програма и покрај тоа што САД активно размислуваат да се приклучат кон израелските напади врз Иран. Министрите на Велика Британија, Франција и Германија, познати како Е3, како и шефот за надворешна политика на ЕУ, разговараа со иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, претходно оваа недела и се координираа со американскиот државен секретар Марко Рубио.
Во повик до Арагчи, тие инсистираа на потребата тој да се врати на преговарачката маса и да избегне понатамошна ескалација. На предлог на Иран, двете страни се согласија да се сретнат лице в лице. Разговорите ќе се одржат во Женева, каде што во 2013 година беше постигнат почетен договор меѓу Иран и светските сили за ограничување на неговата нуклеарна програма во замена за укинување на санкциите, пред сеопфатен договор во 2015 година.
Разговорите меѓу Иран и САД пропаднаа кога Израел ја започна она што го нарече операција „Рајзинг лав“ на 12 јуни против нуклеарните објекти и капацитетите на балистичките ракети на Иран. „Иранците не можат да седнат со Американците додека ние можеме“, рече еден европски дипломат.
-Ќе им кажеме да се вратат на маса за да разговараат за нуклеарното прашање пред најлошото сценарио, а во исто време да ја изразиме нашата загриженост за балистичките ракети на Иран, неговата поддршка за Русија и притворањето на нашите граѓани, додаде тој.
Европските сили, кои не беа дел од нуклеарните разговори на Иран со САД, се повеќе се фрустрирани од преговарачката стратегија на САД во разговорите. Тие сметаа дека некои барања се нереални, плашејќи се од можноста слабата почетна политичка рамка да доведе до отворени преговори.
Двајца дипломати рекоа дека нема големи очекувања за напредок во Женева, но оти е клучно да се работи со Иран бидејќи по војната, нуклеарната програма на Иран сè уште ќе остане нерешена, со оглед на тоа дека би било невозможно да се искорени стекнатото знаење, што потенцијално би овозможило тајно обновување на програмата.
Ирански функционер изјави дека Техеран отсекогаш ја поздравувал дипломатијата, но ја повикал Е3 да ги искористи сите расположливи средства за да изврши притисок врз Израел да ги запре нападите врз Иран. „Иран останува посветен на дипломатијата како единствен начин за решавање на споровите, но дипломатијата е нападната“, рече функционерот.
Европејците се единствените што можат да го активираат механизмот за повторно воведување на санкциите, а дипломатите велат дека трите земји се обидоа да постават краен рок до крајот на август за негово активирање. „Иран постојано изјавуваше дека активирањето на тој механизам ќе има сериозни последици“, рече иранскиот функционер. мс/
фото: ЕПА