• вторник, 24 декември 2024

Министрите за надворешни работи на Австралија, Индија, Јапонија и САД се состанаа во Токио на разговори за поморската безбедност

Министрите за надворешни работи на Австралија, Индија, Јапонија и САД се состанаа во Токио на разговори за поморската безбедност

Токио, 29 јули 2024 (МИА) - Министрите за надворешни работи на Австралија, Индија, Јапонија и САД се состанаа во Токио на разговори за поморската безбедност и иницијативите за изградба на кибер одбрана.

Разговорите, на кои присуствуваа австралиската министерка за надворешни работи Пени Вонг, нејзината јапонска колешка Јоко Камикава, индискиот висок дипломат Субрахмајам Џаишанкар и американскиот државен секретар Ентони Блинкен, следеа по вчерашните безбедносни разговори меѓу Токио и Вашингтон, на кои сојузниците ја оквалификуваа Кина како „најголемиот стратешки предизвик“ со кој се соочува регионот.

„Сите знаеме дека нашиот регион и нашиот свет се преобликуваат. Сите разбираме дека се соочуваме со најконфликтните околности во нашиот регион во последните децении“, рече Вонг во воведниот говор на почетокот на разговорите.

„Сите го цениме мирот, стабилноста и просперитетот на регионот и сите знаеме дека тоа не е дадено“, нагласи таа.

Во своите воведни говори, Камикава ја нагласи потребата да се изградат способности за кибер безбедност и да се обезбедат можности за обука за поморска безбедност за заштита и развој на просперитетот во индо-пацифичкиот регион.

САД најавија дека планираат голема реорганизација на воената команда во Јапонија за да ја продлабочат координацијата со силите на својот сојузник. Тоа е една од неколкуте мерки преземени за да се одговори на она што САД и Јапонија рекоа дека е „развивачка безбедносна средина“, истакнувајќи ги различните закани што ги носи Кина, вклучително и нејзините зголемени поморски активности во Источното и Јужното Кинеско Море.

„Сега имаме конфликти: Газа, Украина, Јужен Судан, тие добиваат големо внимание, што е разбирливо. Но, дури и кога го правиме она што треба да се направи за да се обидеме да ставиме крај на овие конфликти... не сме изгубиле од вид и навистина сме решително фокусирани на овој регион“, рече  Блинкен.

По напуштањето на Токио, Блинкен и Остин ќе одржат безбедносни разговори со друг азиски сојузник, Филипините. паг/

Фото: ЕПА

Остани поврзан