Министерот за транспорт на БиХ: Новата стратегија за визи на ЕУ ќе им помогне на транспортерите од Западен Балкан
- Министерот за транспорт и врски на Босна и Херцеговина (БИХ) Един Форто изјави дека денеска е усвоена новата стратегија за визи на Европската Унија (ЕУ), што претставува важен чекор во системското решавање на проблемите на професионалните возачи од регионот.
Бања Лука, 29 јануари 2026 (МИА) - Министерот за транспорт и врски на Босна и Херцеговина (БИХ) Един Форто изјави дека денеска е усвоена новата стратегија за визи на Европската Унија (ЕУ), што претставува важен чекор во системското решавање на проблемите на професионалните возачи од регионот.
„Тукушто бев информиран од Брисел дека Европската комисија усвои нова стратегија за визи. Што всушност значи ова? За прв пат или по долго време, се препознаени посебните активности на професионалните возачи, за чии потреби можеби ќе биде потребно да се променат постојните правила во рамките на сегашната безбедносна рамка“, рече Форто.
Тој оцени дека ова „не е победа за денес, туку можеби победа за наредниот период, кога ќе биде полесно да се дискутираат овие теми во Брисел, но и на други адреси“.
„Чекор по чекор. Меѓу другото, регионалниот протест на возачите и затворањето на товарните терминали на границите со земјите од Шенген зоната, но и нашите континуирани активности во текот на изминатите три години доведоа до ова“, рече Форто.
Хена Виркунен, извршна потпретседателка на Европската комисија за технолошки суверенитет, безбедност и демократија, денеска изјави дека проблемите на возачите од Западен Балкан се познати на Комисијата и дека новата стратегија за визи предвидува одредена флексибилност, но дека безбедноста на границите останува приоритет.
„Системот за влез/излез (СВИ) не воведува нови барања за краткорочни престои во Шенген“, додаде таа.
Според неа, возачите кои ја преминуваат границата секојдневно веќе имаат одредени исклучоци, бидејќи ги користат истите контролни пунктови, додека предизвиците се јавуваат само во специфични случаи.
„Ги анализираме овие предизвици и работиме на нивно решавање како дел од стратегијата“, заклучи Виркунен.
За транспортерите од Западен Балкан, правилата во моментов остануваат исти, но Европската комисија планира дополнителни решенија што би ја олесниле секојдневната работа и би ги намалиле тензиите на границите.
Новата стратегија за визи наведува дека професионалците од трети земји, како што се возачи на камиони, уметници на турнеја, спортисти кои присуствуваат на спортски настани, експерти кои работат на прекугранични проекти и работната сила што ги поддржува индустриите и услугите на ЕУ, кои во голема мера се потпираат на честа мобилност меѓу земјите-членки, имаат потреба да останат во ЕУ подолго од дозволената граница, без намера за трајно населување.
Документот нагласува дека Европската комисија ќе соработува тесно со земјите-членки за да идентификува прагматични решенија за продолжени кратки престои за одредени категории државјани на трети земји, обезбедувајќи безбедност и економски придобивки за ЕУ, како и правна јасност за патниците.
„Овие размислувања ќе го истражат и воведувањето на ново законодавство со специфичен сет правила за продолжени кратки престои на ниво на ЕУ. Во овој контекст, Комисијата ќе го разгледа влијанието на постојните билатерални договори што дозволуваат продолжени престои, со цел нивно постепено укинување“, се наведува во документот.
Во моментов, правото на ЕУ дозволува престој во Шенген зоната до 90 дена во рок од 180 дена за патници без виза и оние на кои им е потребна виза, додека за секој престој подолг од 90 дена е потребна долгорочна виза или дозвола за престој издадена од земја-членка.
Новата стратегија за визи оцени дека ова создава сложен систем, дополнително усложнет од постоењето на билатерални договори склучени од некои земји-членки пред стапувањето во сила на Шенгенскиот договор, кои им дозволуваат на државјаните на одредени трети земји да останат повеќе од 90 дена, но само на територијата на засегнатата земја-членка, со што се поткопува унифицираната примена на Шенгенското законодавство.
Протестите на транспортерите од Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Северна Македонија продолжија четврти ден на граничните премини со земјите-членки на ЕУ и, како што беше најавено, ќе траат сè додека не се исполнат нивните барања, особено правилото дека можат да останат во Шенген зоната 90 дена во рок од шест месеци. мс/
фото: Архива