• вторник, 17 декември 2024

Министер за одбрана на БиХ: 20 загинати во поплавите, Јабланица отсечена

Министер за одбрана на БиХ: 20 загинати во поплавите, Јабланица отсечена

Сараево, 4 октомври 2024 (МИА) - Министерот за одбрана на БиХ, Зукан Хелез, соопшти дека неофицијално добил информации за 20 загинати лица во поплавите и одроните во општина Јабланица, која се наоѓа на северот од Херцеговачко-неретванскиот кантон (ХНК) во Босна и Херцеговина.

Според Федералната управа за цивилна заштита, тие испратиле барања до Федералното МВР и Оружените сили на БиХ за помош. Хелез, во изјава за Ал Џазира, посочи дека од урнатините биле спасени едно дете и жена, но оваа информација сè уште не е официјално потврдена од страна на МВР.

Порталот Кликс известува дека во акцијата за потрага и спасување, покрај војниците на Оружените сили на БиХ, учествуваат и британски специјалци кои биле на обука во земјата.

За денеска е закажана итна седница на Советот на министри на БиХ за поплавите.

Фотографиите кои доаѓаат од Јабланица се драматични – куќи се под вода, голем број на возила се однесени од водената стихија, а целосно е уништен патот кај Комадиново врело.

Сообраќајот кон јужниот дел на БиХ е сериозно нарушен, многу патишта се блокирани, а единствениот начин да се стигне од Сараево до Мостар е преку централна Босна. Владата на ХНК ги предупреди граѓаните да не патуваат кон Јабланица и Мостар. Во селото Долна Јабланица, од џамијата е видливо само минарето, а патот кон Блидиње од Јабланица е целосно уништен поради катастрофалните поплави.

Федералната управа за цивилна заштита соопшти дека има голема потреба од тешка механизација за расчистување, бидејќи на неколку места се појавија одрони. 

Шумската служба за спасување од Јабланица ги повика жителите да се пријават за да им помогнат на спасувачите и пожарникарите во акциите за спасување. Од пожарникарската станица во Јабланица изјавија за Кликс дека населбата е целосно отсечена и блокирана.

„Полицијата не извести дека е блокирана и железничката пруга. Моментално не може да се влезе ниту да се излезе од Јабланица. Фиксните телефони работат, но мобилната телефонија нема сигнал", соопштија од пожарникарската станица.

Федералната управа за цивилна заштита соопшти дека е прекината патната комуникација на правците Јабланица-Мостар, Јабланица-Рисовац, Јабланица-Прозор Рама и Јабланица-Коњиц.

Покрај Јабланица, поради обилните врнежи, поплавени се улиците и станбените објекти во Кисељак и Крешево. Од Службата за цивилна заштита на општина Кисељак апелираа до жителите да не патуваат, а во итни случаи да се обратат до нивната служба, пожарникарите, брзата помош или полицијата.

Средното училиште „Иван Горан Ковачиќ" во Кисељак соопшти дека наставата е одложена поради поплавите.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека Србија е подготвена веднаш да помогне на Босна и Херцеговина, која моментално се соочува со поплави, доколку тоа биде побарано.

Вучиќ изрази сочувство до семејствата на загинатите и најави подготвеност за испраќање на хеликоптери, чамци и финансиска помош. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан