• сабота, 23 ноември 2024

Министерство за одбрана на БиХ: Наредено е зголемување на нивото на безбедносна подготвеност на воените објекти

Министерство за одбрана на БиХ: Наредено е зголемување на нивото на безбедносна подготвеност на воените објекти

Сараево, 21 октомври 2024 (МИА) - Во согласност со неодамнешните закани за терористички напади на воени локации на Оружените сили на БиХ, Министерството за одбрана на Босна и Херцеговина (МО БиХ) нареди зголемување на нивото на безбедносна подготвеност за да се намали ризикот од евентуални загрозувања на безбедноста, не само на воените објекти туку и на граѓаните на БиХ, пренесува Анадолија.

Министерството за одбрана на БиХ, во согласност со своите законски надлежности, спроведе низа мерки со цел заштита на персоналот, имотот и материјално-техничките средства на Оружените сили на БиХ.

„Јавноста веќе беше информирана за заканите и ризикот од терористички напади, а Министерството целосно ја сфаќа сериозноста на овие закани. Посебно внимание се посветува на можната употреба на беспилотни летала (дронови) во ваквите напади. Со закон е строго забрането летање со дронови над воени објекти и зони на ОС БиХ без претходно одобрение од Министерството за одбрана. Летовите на дронови над воени локации, како и летовите на хоризонтално растојание помало од 500 метри, се регулирани со надлежните закони и правилници, и секој таков лет без дозвола претставува кршење на безбедносните процедури“, соопшти Министерството.

Во последно време е забележано зголемено присуство на дронови над воените локации на ОС БиХ, што дополнително го зголеми безбедносниот ризик. Министерството за одбрана е во постојан контакт со агенциите за спроведување на законот, како и со меѓународните партнери, вклучувајќи го ЕУФОР и штабот на НАТО во Сараево, кои се запознаени со заканите и неовластените летови на дронови.

Се наведува дека „во интерес на заштита на воените објекти, се применуваат различни безбедносни мерки и процедури, вклучувајќи безбедносни протоколи за реагирање на неовластени упади, набљудување и снимање на воени локации“.

Министерството за одбрана и Оружените сили на БиХ ги преземаат сите неопходни чекори за да ја обезбедат безбедноста на своите припадници и воените локации, вклучувајќи ги и складиштата за оружје и муниција. Овие мерки имаат за цел заштита не само на припадниците на ОС БиХ, туку и пошироката безбедност на граѓаните на Босна и Херцеговина. Министерството сериозно ја сфаќа секоја закана, вклучувајќи ја можноста за терористички напад со употреба на дронови, и ќе продолжи да презема сите потребни мерки за да се обезбеди целосна заштита на воената инфраструктура и безбедноста на граѓаните на Босна и Херцеговина, се истакнува во соопштението. ссм/

фото: архива

Остани поврзан