• понеделник, 23 декември 2024

Министерството за економија додели признанија за учесниците во туристичко-угостителскиот процес за 2023 година

Министерството за економија додели признанија за учесниците во туристичко-угостителскиот процес за 2023 година

Скопје, 27 септември 2023 (МИА) - По повод Светскиот ден на туризмот, Министерството за економија денеска ги додели признанијата за учесниците во туристичко-угостителскиот процес за 2023 година.

Државниот секретар на Министерството за економија, Размена Чекич Дуровиќ истакна дека оваа година покрај придонесот на образовните институции и туристичките комори и организации, акцентот е ставен и на руралниот туризам како интенција на Светската туристичка организација, но и потенцијалот за развој во земјата. Потенцира дека современиот туризам денеска претставува рефлексија на економските и општествените појави, а со оглед на големата динамика во овој сектор неопходни се брзи реакции и одговори на сите предизвици и прашања. 

-Статистички гледано во периодот од јануари до јули 2023 година во однос на истиот период претходната година, бројот на туристите е зголемен за 25,33 проценти и тоа кај домашните туристи има незначително зголемување од 1 процент, додека кај странските туристи има зголемување од 44 проценти. Во периодот јануари – јули 2023 година по однос на истиот период од претходната година вкупниот број на ноќевања е зголемен за 12,4 проценти, така што кај домашните туристи се бележи зголемување од 1 процент, додека кај странските туристи има зголемување за 28 проценти. Сето ова укажува на фактот дека по пандемијата и падот на бројот на туристи оваа година ќе се надмине бројката од еден милион туристи со тенденција да се надмине најдобрата 2019. Година и се очекува да биде остварен поголем девизен прелив од туризмот и угостителството, рече Чекич Дуровиќ.

Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски истакна дека нивна цел до 2025 година да се надмине и фамозната 1988 година кога на ниво на една друга држава забележавме 3,7 милиони ноќевања. 

-Треба да бидеме горди на достигнувањата и на резултатите, ако ги споредиме и со 2019 година. Сите заедно успеавме да немаме воопшто пад на домашните туристи ако ја погледнеме статистиката со 2019 и 2023 година. Зборуваме за првите 7 месеци, таа е во плус 5 проценти. Доколку ги споредиме странските туристи, тие на ниво на држава ни се минус 11 проценти. Но, ако ја споредиме статистиката во тотални бројќи, ние сме се уште минус 4 проценти на нивото на целата држава. Но, ако ги споредиме двата наши најголеми туристички центри, Охрид и Скопје, ќе видиме дека и двата се во плус и сум сигурен дека ќе ги постигнеме целите, резултатите за 2023 година, тие се нешто повеќе од 3,3 милиони ноќевања и повеќе од 530 милиони туристички промет во туризмот и угостителството во 2023. Тоа се рекордни резултати, резултати коишто покажуваат дека како никогаш досега туристичко-угостителскиот сектор и бил потребен на нашата економија. Ако можеме да имаме 35 илјади работни места, или помеѓу 4 до 5 проценти од вкупниот број на вработени, тогаш можеме и повеќе. Сметам дека сме и доволно мудри и јаки да го направиме во следните две, три години чекорот којшто долго време се очекува, ново реархитектуирање на туристичката индустрија, дополнителна промоција, национални кампањи и се она што е потребно на туристичкиот сектор, рече Јаневски.

Признанија  за придонес во туризмот им беа доделени на Факултет за туризам и угостителство при Универзитет „Св. Климент Охридски“, Факултетот за туризам при Универзитетот Скопје, Факултет за туризам и бизнис логистика при Универзитетот „Гоце Делчев„-Штип, Тетовскиот универзитет насока туризам, Стопанската кома на Македонија –Здружение на угостителство и туризам, Туристичко-угостителската комора на Македонија при Сојузот на стопански комори, Сојузот на Северо-западна Македонија, Хотелската асоцијација на Македонија-ХОТАМ, Националната асоцијација за дојдовен туризам, Независната угостителска комора-НУК, Националната асоцијација на тур оператори и туристички агенции, Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост, ТАВ Македонија, авио-компанијата „Туркиш ерлајнс“, ТРТ Балкан, Државниот пазарен инспекторат, Министерството за економија – секторот за туризам, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Скопскиот плански регион, Источниот плански регион, Југо-источниот плански регион, Северо-источниот регион, Пелагонискиот регион, Вардарскиот плански регион, Југо-западниот плански регион, Полошкиот плански регион, Марко Трпчевски, Зоран Стојановиќ, Новица Милановски, Климе Стојовски, Ристо Надановски, Александар Јосифовски. 

сан/фф/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан