• вторник, 24 декември 2024

Министерот Тошковски во работна посета на Дирекцијата за заштита и спасување 

Министерот Тошковски во работна посета на Дирекцијата за заштита и спасување 

Скопје, 9 август 2024 (МИА) - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска остварил работна посета на Одделението при Дирекцијата за заштита и спасување под чија надлежност се воздухопловите за гасење на пожарите.

За време на посетата, соопшти МВР, Тошковски се сретнал со дел од пилотите и екипажот, при што им искажа признание за храброста и пожртвуваноста во борбата со пожарите. Притоа, тој изразил жалење за условите во кои работат, како и недостигот на кадар во ова одделение и ниските плати.

- Имавме можност да ги погледнеме ер тракторите, да поразговараме со пилотите и да се сретнеме и со екипите од Кипар и Германија, кои преку механизмот за цивилна заштита на ЕУ учествуваат во гасењето на пожарите. Овие луѓе, од кои некои се вратија и од пензија, заедно со екипите на Одделот за воздухопловни единици на МВР и Воздухопловниот винг на армијата се хероите кои секојдневно се во битката со пожарите со кои се соочува нашата татковина. Ја изразив мојата огромна благодарност за се она што го прават и разменивме мислења за планираните реформи на системот за справување со кризи, како од оперативен така и од материјално-технички карактер. Се сложивме дека потребата од реформата на системот е голема, а тие остануваат тука се додека е потребно, заедно да ги спасиме нашите шуми и природни богатства. Министерството за внатрешни работи останува со сите свои капацитети да учествува во гасењето на пожарите и во пронаоѓањето на лица кои учествуваат во нивно подметнување и ширење, истакнал меѓу другото министерот Тошковски за време на посетата на Дирекцијата за заштита и спасување. цр/са/

Фото: МВР

 

 

 

 

Остани поврзан