• четврток, 26 декември 2024

Министерот Спасовски учествуваше на Националната конвенција за ЕУ во Република Северна Македонија

Министерот Спасовски учествуваше на Националната конвенција за ЕУ во Република Северна Македонија
Скопје, 26 јануари 2022 (МИА) - Доколку  тргнеме  од  општото гледиште дека под критична инфраструктура се подразбира сè она што е од  витално значење за  функционирањето и опстанокот на една заедница или општество, неминовен e заклучокот дека таа е суштински сегмент на националната безбедност, a нејзината заштита претставува еден од приоритетите на секоја држава. Притоа, за да ги заштитиме институциите, како и животите и имотот на нашите граѓани, здравјето, безбедноста, економијата и благосостојбата на луѓето, нашиот одговор мора да биде брз, координиран и ефикасен. Ова го нагласи во воведното излагање министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на  Десеттата сесија на Работната група 4 – Правда, слобода и безбедност, во рамки на Националната конвенција за Европската Унија на Република Северна Македонија што се одржа денеска, тематски посветена на „Спречување и борба против тероризмот: Националната и европската перспектива во идентификувањето и заштитата на критичната инфраструктура“. На сесијата, чиј копретседавач беше државната секретарка при Министерството за внатрешни  работи  Магдалена Несторовска,  министерот Спасовски се осврнал на потребата од сеопфатно концепциско решавање на заштитата на критичната инфраструктура, потенцирајќи ја потребата од интегриран пристап, односно изградба на системски и целосен концепт на заштита на критична инфрастуктура, со идентификување на сите релевантни капацитети во јавниот и приватниот сектор. - Земајќи ја како основа директивата на Европската Унија од 2008 година при конципирање на идното решение, а притоа следејќи ги основните принципи на Европскиот концепт за заштита на критичната инфраструктура, ефикасната заштита ја наметнува потребата од континуирана комуникација и координација на сите релевантни субјекти. Тоа подразбира навремена и постојана размена на податоци за ризиците, заканите и ранливоста на критичната инфраструктура, притоа создавајќи средина на доверба и обезбедена заштита на споделените податоци, нагласил Спасовски, се наведува во соопштението од МВР. Според министерот Спасовски, заштитата на критичната инфраструктура е пред сѐ национална одговорност, конкретизирана преку начелото на супсидијарност на кое се заснова и Европската програма за заштита на критичната инфраструктура. Меѓутоа, истакнал, не смееме да ја ставиме во втор план и надворешната димензија. - Таа се согледува преку заштитата на критичната инфраструктура која се наоѓа на територијата на една држава, но чие загрозување или евентуално уништување може да има значително влијание на повеќи држави. Во насока на јакнење на прекуграничната соработка и споделување на исти вредности, од особено значење е донесувањето на заеднички методологии за идентификација и класификација на ризиците, заканите и ранливоста на наведената инфраструктура, подвлекол Спасовски. Согласно анализите на националните стратегии на повеќето држави членки на ЕУ, во однос на заштитата на националната и европската критична инфраструктура, како и преземените чекори на оние земји кои се веќе дел од  процесот на пристапните преговори со унијата, навел Спасовски, се наметнува заклучокот дека повеќето држави наведените прашања ги уредуваат преку донесување на посебни закони за заштита на критичната инфраструктура. - Потребата од донесувањето на посебен закон за заштита на критичната инфраструктура е веќе предвидена како наша обврска во Заедничкиот акциски план за борба против тероризмот, кој во октомври 2019 година го потпишавме со Европската Комисија и со кој преземавме обврска да го изготвиме и донесеме наведениот закон. Меѓутоа, тоа не е само обврска на нашиот пат кон Европската Унија, туку должност пред нас самите, одговорност кон државата и нашите граѓани, заклучил министерот Спасовски во своето излагање. цр/дма/    

Остани поврзан