Министерот Сали на министерски состанок за спроведување на механизмот за приспособување на јаглеродната граница
- Министерот за европски прашања Беким Сали учествуваше на министерски онлајн-состанок посветен на механизмот за приспособување на јаглеродната граница (CBAM), организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за овој механизам, кој стапи во сила од 1 јануари годинава.
Скопје, 13 февруари 2026 (МИА) - Министерот за европски прашања Беким Сали учествуваше на министерски онлајн-состанок посветен на механизмот за приспоосбување на јаглеродната граница (CBAM) организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за овој механизам, кој стапи во сила од 1 јануари годинава.
Сали, како што соопшти Министерството за европски прашања, ја истакна посветеноста на нашата држава кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ додавајќи дека Владата во јануари годинава го усвои нацрт-законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Министерот посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
- Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија - информира Министерството за европски прашања.
Сали повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија. бак/паг/
Фото: Министерство за европски прашања