• четврток, 20 февруари 2025

Министерот Муцунски оствари бројни билатерални средби на маргините на Минхенската безбедносна конференција

Министерот Муцунски оствари бројни билатерални средби на маргините на Минхенската безбедносна конференција

Скопје, 16 февруари 2025 (МИА) - Во изминатите три дена, на маргините на Минхенската безбедносна конференција, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, остварил повеќе средби со високи претставници од различни земји и меѓународни институции.

Како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Муцунски остварил билатерални средби со министерката за надворешни работи на Косово, Доника Гервала-Шварц, секретарот за надворешни работи на Филипините, Енрике Манало, како и министерот за надворешни работи на Азербејџан, Џејхун Бајрамов.

Исто така, министерот остварил куси средби со министерот за надворешни работи и европски прашања на Малта, Јан Борг, министерот делегиран за европски прашања во француската влада, Бенжамен Адад, министерот за надворешни работи на Албанија, Игли Хасани, пратеничката во Европскиот парламент, Лидија Переира, како и со специјалниот претседателски пратеник на САД за специјални мисии, Ричард Гренел.

Во фокусот на разговорите биле актуелните регионални политички и безбедносни прашања, при што била нагласена важноста Европската Унија да ја испорача својата поддршка за евроинтегративниот процес. Министерот Муцунски потенцирал дека евроинтегративниот процес е клучна алатка за трансформација на општеството и дека е неопходно институциите доследно да ги користат постојните механизми за продлабочување на соработката во различни области од заемен интерес.

Заеднички било констатирано дека геополитичките околности значително се променети на глобално ниво, при што, покрај политичките, трговско-економските прашања стануваат сè поважен аспект кој налага брза адаптација на политиките и засилена меѓународна координација.

Соговорниците се согласиле дека одржливоста на светскиот мир и безбедноста остануваат врвен приоритет за секоја влада, а продолжувањето на дијалогот и партнерската соработка се клучни за зајакнување на стабилноста и просперитетот на регионот и пошироко. нд/

Фото: МНРиНТ

Остани поврзан