• петок, 08 ноември 2024

Министерот за здравство бара од Владата итно да се смени компресорската станица за да проработат хируршките сали

Министерот за здравство бара од Владата итно да се смени компресорската станица за да проработат хируршките сали

Скопје, 30 мај 2024 (МИА) - Министерот за здравство Илир Демири денеска испратил допис до Владата во кој бара итно и неодложно да се промени компресорската станица на Клинички центар за да проработат хируршките сали кои 13 дена се затворени.

Демири, како што стои во објавата на социјалните мрежи на Министерството за здравство, побарал и да се средат сите работи околу инсталацијата на новата компресорска станица, како и сите попратни елементи за непречено и континуирано функционирање на хируршкиот блок.

- Напоменувам, се работи за живот на луѓето и се работи за државен интерес. Како министер за здравство замолувам и се надевам дека ќе имаме разбирање за истото, иако сум многу свесен дека се наоѓаме во изборен процес пред формирање на нова влада, но животот на луѓето и државните интереси се поважни од сѐ, вели Демири во дописот до Владата.

Демири во понеделникот на прес-конференција изјави дека хируршките сали на Клинички центар се стари околу 30 години и дека ќе користат надворешни компресори додека не добијат валиден документ за исправност. Според министерот, проблемот со неработењето на хируршките клиники е хаварија во компресорската станица за која се чекаат испитувања од Германија.

Откога не работат хируршките клиники, итните случаи на пациенти се пренесуваат во Општа Градска болница и во Болницата „8 септември“. фф/бак/

Фото: МИА Архива

 

Остани поврзан