• среда, 27 ноември 2024

Министерката Петровска во Рамштајн на состанок на Контакт-групата за Украина

Министерката Петровска во Рамштајн на состанок на Контакт-групата за Украина

Скопје, 21 април 2023 (МИА) - Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска учествуваше на министерскиот состанок на Контакт-групата за Украина на кој воведно обраќање имаа секретарот за одбрана на САД, Лојд Остин и министерот за одбрана на Украина, Олекси Резников.

Како што соопшти Министерството за одбрана, на состанокот со свои обраќања се вклучија голем број министри за одбрана на земји-членки и партнери на НАТО и Европската Унија, високи воени претставници како и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел.

На состанокот, министерката Петровска потенцираше дека со донациите на воена опрема, Северна Македонија на дело покажа дека останува посветена во поддршката на суверенитетот и интегритетот на Украина.
 
-Северна Македонија е солидарна со Украина, нејзините граѓани и нивната храбра борба за одбрана на својата држава. Мораме да останеме цврсти во нашата посветеност за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. Веруваме дека не постои алтернатива на давањето целосна поддршка на Украина и нејзиниот народ, истакна министерката Петровска на состанокот на Контакт-групата.
 
На состанокот кој беше поделен во три сесии, едногласно беше изразена поддршката за одбрана на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, се наведува во соопштението. вг/

Остани поврзан