• понеделник, 23 декември 2024

Министерката Купер одби да каже дали Велика Британија ќе го уапси Нетанјаху

Министерката Купер одби да каже дали Велика Британија ќе го уапси Нетанјаху

Лондон, 22 ноември 2024 (МИА) - Британската министерка за внатрешни работи Ивет Купер одби да каже дали земјата ќе го уапси израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху откако Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налог за апсење, објави Скај њуз.

Во четвртокот, МКС издаде налози за апсење на Нетанјаху и поранешниот израелски министер за одбрана Јоав Галант за наводни воени злосторства и злосторства против човештвото поврзани со војната во Газа.

Купер рече дека „не би било соодветно таа да коментира“ дали земјата ќе го уапси Нетанјаху доколку тој стапне на британска почва.

„Отсекогаш сме ја почитувале важноста на меѓународното право, но во повеќето случаи со кои тие (МКС) се занимаваат, тие не стануваат дел од британскиот правен процес. Она што можам да го кажам е дека е јасно дека ставот на британската влада останува да веруваме дека фокусот треба да биде ставен на прекин на огнот во Газа“, изјави Купер за Скај њуз.

Претседателката на Комисијата за надворешни работи во Парламентот, Емили Торнбери, рече дека Велика Британија, како членка на МКС, „треба да ги уапси“.

Британската влада, по победата на изборите во јули, објави дека нема да се спротивстави на правото на МКС да издава налози.

МКС издаде налог за апсење на лидерот на Хамас, Мохамед Диаб Ибрахим ал-Масри, организаторот на нападите во Израел на 7 октомври, за наводни воени злосторства и злосторства против човештвото. Израел тврди дека Ал Масри бил убиен претходно оваа година, но МКС соопшти дека тоа не е потврдено и затоа издаде налог за апсење.

Канцеларијата на Нетанјаху соопшти дека налозите против него и Галант се „антисемитски“ и дека Израел „со згрозување ги отфрла апсурдните и лажни постапки“.

Американскиот претседател Џо Бајден ги опиша налозите против израелските лидери како „безобразни“, додавајќи „што и да имплицира МКС, не постои никаква еквивалентност меѓу Израел и Хамас“.

Ниту Израел ниту САД не се членки на МКС. паг/

Фото: ЕПА

Остани поврзан