• вторник, 24 декември 2024

Минимална плата се зголемува на 18.000 денари, делот од придонесите ќе го субвенционира државата

Минимална плата се зголемува на 18.000 денари, делот од придонесите ќе го субвенционира државата
Скопје, 7 февруари 2022 (МИА) - Минималната плата ќе биде зголемена на 18.000 денари почнувајќи од март, а државата ќе го субвенционира делот од придонесите за што од Буџетот ќе бидат одвоени 16 милиони евра до крајот на годината, договорија вечерва по неколкучасовни преговори синдикатите, работодавачите и Владата. Се менуваат и критериумите за усогласување на минималната плата, односно како критериуми ќе се земат - 50 проценти од годишниот раст на просечната плата и 50 проценти од растот на животните трошоци, а новина е тоа што отсега наместо растот на БДП како критериум ќе биде дека висината на минималната плата нема да биде пониска од 57 проценти од просечната плата објавена од Државниот завод за статистика. - Осумдесет илјади наши работници, наши сограѓани, од различни индустрии почнувајќи од мартовската плата ќе земаат најмалку 18.000 денари. Оваа сума означува раст на нето платата на овие работници за околу 45 евра месечно. Зголемувањето на минималната плата на 18.000 денари, која на работниците ќе почне да им се исплаќа на почетокот на април, е мерка која во најголема мера ги опфаќа вработените во микро и малите претпријатија, трговијата, преработувачката индустрија и други важни индустрии во земјата, изјави премиерот Димитар Ковачевски по седницата на Економско-социјалниот совет. Со договорот работодавачите ќе го покријат целокупното нето зголемување на платите за своите вработени кои се на минимална плата, а државата ќе ја покрие целокупната разлика во делот на придонесите од сегашната минимална плата од 15.200 денари до онаа која ќе се исплаќа за март од 18.000 денари. - Станува збор за удел од страна на државата во износ од околу 16 милиони евра кој ќе се исплаќа до крајот на годината, посочи Ковачевски. Тој очекува дека зголемувањето на минималната плата ќе влијае позитивно и на останатите плати во државата. Синдикатите изразија задоволство од постигнатиот договор бидејќи, според нив, зголемувањето на минималната плата е егзистенцијална потреба на работниците.

- Добивме минимална плата која изнесува 62 проценти од просечната плата. Добивме една нова методологија каде што велиме 50 проценти од растот на просечната плата и 50 проценти од трошокот за живот, а во методологијата го изоставивме делот за БДП кој во минатото ни правеше големи негативни ефекти, знаејќи дека минатата година беше минус 0,7 проценти и не успеавме да ја усогласиме минималната плата на ниво достоинствено за работниците, истакна претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Дарко Димовски.  

Тој се надева дека доследно ќе се почитува и член 8 од Законот за минимална плата според кој со порастот на минималната плата треба да се усогласат и сите останати плати. Димовски најави дека синдикатот ќе продолжи да се бори и за барањето за исплата на регрес за годишен одмор во целиот јавен сектор. Работодавачите се надеваат дека со зголемувањето на минималната плата, работниците ќе ја покажат својата продуктивност. - Ова е нова одлука за нас, со нови методологии и нов пристап. Од таа причина ќе мора дополнително да го консултираме нашето членство и да излеземе со став по однос на реперкусиите врз работењето. Како што вети и Синдикатот, очекувам да останат доследни на својот збор дека работниците задоволни од минималната плата ќе придонесат за зголемување на продуктивноста, изјави претседателката на Организацијата на работодавачи, Владанка Трајкоска. Денешниот договор е постигнат по два одржани состанока на Економско-социјалниот совет минатата недела. Во петокот, Бизнис конфедерацијата побара од Владата да помогне со субвенционирање за зголемувањето на минималната плата, а вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вети дека предлогот ќе биде разгледан на Економскиот совет на Владата. Денеска, пред Економско-спцоијалниот совет, седница одржа Економскиот совет при Владата. бак/оџ/

Остани поврзан