• сабота, 23 ноември 2024

Минаур: Не сум под истрага, примив две вакцини

Минаур: Не сум под истрага, примив две вакцини
  Лондон, 17 февруари 2022 (МИА) – Австралискиот тенисер Алекс де Минаур вечерва експресно ги отфрли обвинувањата дека купил лажна потврда за вакцинацијата против коронавирусот. Минаур, 32-рангираниот светски тенисер, рече дека „невино е обвинет, бидејќи е вакциниран со две дози“. Светските агенции, претходно денеска повикувајќи се на извори во шпанската полиција која ја води истрагата, јавија дека 23-годишниот австралиски тенисер купил лажна потврда како доказ дека примил двојна доза вакцина против коронавирусот и со таа настапил минатиот месец на Австралија опен. - Првата доза од вакцината ја примив во Лондон минатото лето, а втората во болницата „Ла Паз“ во Мадрид, напиша вечерва Минаур на својот Твитер профил. Шпанската полиција оваа недела ја заврши втората фаза од истрагата почната во јануари против локален огранок на криминалната организација, која нудела лажни здравствени сертификати и ПЦР тестови преку апликација за размена на пораки. Истрагата потврди дека челните луѓе на организацијата биле во Франција. Вкупно 11 лица се уапсени поради „фалсификување или користење фалсификати“, а околу 2.200 лица купиле фалсификувани потврди. Плаќањата биле вршени во криптовалути на сметки во трети земји. Лажен ПЦР тест чинел 50 евра, лажна Ковид потврда 200 евра, додека 1.000 евра било наплатувано за лажни потврди за вакцинирање. ег/

Остани поврзан