• понеделник, 23 декември 2024

Милеј ја разреши министерката за надворешни работи поради гласање во ОН против американското ембарго кон Куба

Милеј ја разреши министерката за надворешни работи поради гласање во ОН против американското ембарго кон Куба

Буенос Аирес, 31 октомври 2024 (МИА) - Аргентинскиот ултралиберален претседател Хавиер Милеј ја разреши својота министерка за надворешни работи, Дијана Мондино, откако таа на Генералното собрание на Обединетите нации го осуди трговското ембарго на САД против Куба, соопштија од кабинетот на претседателот.

Милеј, кој е на функција од декември, ја разреши Мондино откако таа гласаше за укинување на американското економско ембарго кон Куба на Генералното собрание на ОН, продолжувајќи ја така долгогодишната позиција на Аргентина, пренесува ДПА.

- Нашата земја е категорично против кубанската диктатура и ќе остане цврста во промовирањето на надворешна политика што ги осудува сите режими кои вршат кршење на човековите права,“ се вели во соопштението на претседателската канцеларија.

Генералното собрание на ОН во Њујорк, како и секоја година од 1992 наваму, го осуди трговското ембарго на САД против Куба. Аргентина, заедно со 186 други земји, гласаше против санкциите. Само САД и Израел ги поддржаа, додека Молдавија беше воздржана. Одлуката нема обврзувачки последици.

САД го воведоа трговското ембарго врз социјалистичкиот карипски остров по Кубанската револуција во 1959 година. Покрај државното лошо управување и масовното иселување, санкциите се причина за катастрофалната економска ситуација на Куба.

Во последниве години, Аргентина постојано гласаше за укинување на ембаргото како и повеќето земји низ светот.

Сепак, откако е на функција речиси една година, Милеј спроведува исклучително десничарска надворешна политика, пишува ДПА.

„Земјата минува низ период на длабоки промени и оваа нова фаза бара нашето дипломатско тело да ги одразува вредностите на слободата, суверенитетот и индивидуалните права кои ги карактеризираат западните демократии во секоја одлука,“ се вели во соопштението на претседателскиот кабинет. ссм/

фото: архива

Остани поврзан