• сабота, 23 ноември 2024

Милер: Израел презеде чекори за ублажување на хуманитарната криза во Газа по предупредувањето

Милер: Израел презеде чекори за ублажување на хуманитарната криза во Газа по предупредувањето

Вашингтон, 17 октомври 2024 (МИА) - Израел презеде неколку чекори во врска со хуманитарната криза во Газа откако администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден ги предупреди дека ќе ја загрозат континуираната безбедносна помош на САД доколку не го сторат тоа, објави портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер.

Тој ги посочи 50-те камиони со помош што Израел дозволи да влезат во северниот дел на Газа претходниот ден, откако еден ден порано во областа пристигнаа уште 30 камиони, објави „Тајмс оф Израел“.

Милер додаде дека во текот на изминатите неколку дена, Израел, исто така, повторно го отворил преминот Ерез кон северниот дел на Газа, покрај отворањето на нова пристапна рута од јужна до северна Газа, како и воспоставување друга рута за испорака на помош на југот на палестинската енклава.

Според него, Израел отворил и пат за продолжување на испораката на помош од Јордан.

Американскиот функционер, исто така, посочи дека Израел одобрил нови складишта за ОН и други хуманитарни организации за да се олеснат некои од логистичките тешкотии со кои се соочуваат при складирањето и испораката на помош во Газа.

Израелските власти во изминатите 24 часа ги известија и ОН и другите хуманитарни организации дека во текот на 12 месеци нема да бараат царински декларации од поединци кои доставуваат стока, што беше едно од барањата на тие организации, како и на администрацијата на Бајден.

„Тајмс оф Израел“ наведува дека Милер сепак истакнал дека САД имаат обврска да му пружат помош на Израел врз основа на десетгодишниот договор за безбедносна помош на таа земја што трае до 2028 година. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан