• недела, 18 август 2024

Милена Ангелова од Делчево еден од медалистите на Светската олимпијада по геонауки

Милена Ангелова од Делчево еден од медалистите на Светската олимпијада по геонауки

Делчево, 16 август 2024 (МИА) - Средношколката Милена Ангелова од Делчево освои два бронзени медали на Светската олимпијада по геонауки IESO, 2024 која се одржа во главниот град на НР Кина, Пекинг. Информацијата ја соопштија од гимназијата „Методи Митевски Брицо“ од Делчево кои на својата ученичка и нејзиниот ментор им посакаа уште поголеми дострели во иднина.

-Честитки за нашата ученичка Милена Ангелова која освои два бронзени медали на Меѓународна олимпијада по геонауки. Имаме со што да се гордееме,  ти посакуваме уште многу успеси и успешни приказни во иднина и достоинствено претставување на училиштето,  општината и државата. Честитки до професорите ментори од ПМФ и професорката по географија Анета Николова, се вели во објавата на Средното општинско училиште „Методи Митевски – Брицо“.

Македонското географско друштво претходно објави дека на Светската олимпијада по геонауки IESO, 2024. македонскиот тим има неколку добитници.

-Медали освоија: Ивана Атанасоска од СОУ Гимназија „Мирче Ацев“, општина Прилеп, Милена Ангелова од СОУ „Методија Митевски Брицо“, општина Делчево, Михаела Павловска од СУГС Гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“ , град Скопје и  Атанас Ташкоски, СОУ „Наум Наумовски Борче“, општина Крушево. Благодарност за менторите за максималната посветеност и ангажираност во процесот на подготовка но и придружување на учениците: проф. д-р Ивица Милевски, Институт за географија, Природно-математички факултет, Скопје, проф. д-р Свемир Горин, Институт за географија, Природно-математички факултет, Скопје, истакнаа од Македонското географско друштво упатувајќи голема благодарност и до спонзорот Бучим од Радовиш, кои финансиски го помогнаа учеството на олимпискиот тим во Пекинг.

На крај упатија честитки за учениците, менторите, родителите, наставниците и сите останати кои биле директно и/или индиректно вклучени во подготовката на националниот тим. вс/вј/

Фото: МИА

Остани поврзан