• сабота, 23 ноември 2024

Милевски: ЛДП и ДОМ ќе бидат контролори на власта во Советот на Охрид

Милевски: ЛДП и ДОМ ќе бидат контролори на власта во Советот на Охрид
Охрид, 9 октомври 2021 (МИА) – Претседателот на Либерално демократската партија, Горан Милевски, денеска имаше работна средба со членството и симпатизерите на партијата и на коалицијата со ДОМ во Охрид, во рамки на движењето „Одлучно за промени“, како и средба со членовите на листата на коалицијата за идниот состав на советот на Општина Охрид. Тој посочи дека во Охрид „Одлучно за промени“ на престојните Локални избори ќе конкурира со своја советничка листа, предводена од адвокатот Александар Станковски, како што нагласи, угледен граѓанин кој донел многу странски инвестиции во угостителството и придонел за развојот на туризмот во Охрид. - Сметаме дека нудиме решение, со квалителни луѓе со авторитет и дигнитет. Во составувањето на листата за идни советници не се раководевме од политичка припадност туку биравме личности кои нема да се водат од патртиски интереси, туку ќе ги штитат интересите на градот и општеството. Затоа и ги нарековме „чувари на општините“ затоа што ќе бидат чувари на интересите на граѓаните. Токму затоа што идното мнозинство во Советот на Општина Охрид ќе зависи од нив, очекуваме од нив да се водат од интересите на граѓаните, рече Милевски. Тој оцени дека мора да престане процесот на, како што рече, „бетонизација на градот“, туку активностите да се свртат кон инвестиции во хотелиерството, угостителството. - Станковски е докажан во тој дел, лично придонел во привлекување странски инвеститори, и тоа не во субјекти што ќе градат згради, туку инвеститори во хотелиерството и угостителството. Затоа очекувам поддршка од граѓаните на Охрид , да го продолжиме патот што го почнал лично, а ние сега како политички субјект да продолжиме заедно здружено да направиме нешто повеќе за Охрид, рече тој. Коалицијата „Одлучно за промени“ на ЛДП и ДОМ денеска имаше средби со граѓаните и во Дебрца и Струга, а денешните предизборни активности ќе ги заокружат во Ресен, каде на изборите ќе настапат со свој кандидат за градоначалничката функција. аб/ац/

Остани поврзан