• понеделник, 23 декември 2024

Милановиќ: Хрватското правосудство влезе во мрачен период на еднопартиска контрола

Милановиќ: Хрватското правосудство влезе во мрачен период на еднопартиска контрола

Загреб, 27 мај 2024 (МИА) - Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денеска изјави дека со назначувањето на Иван Турудиќ за главен државен обвинител, хрватското правосудство влезе во "мрачен период на еднопартиска контрола каков што немало од осамостојувањето на државата“.

"Република Хрватска остана без уште една независна институција, бидејќи водството на Државното обвинителство (ДОРХ) го презеде Иван Турудиќ, кој јавно ја изрази својата приврзаност кон Хрватската демократска заедница (ХДЗ)", рече Милановиќ.

Тој истакна дека Турудиќ е избран по волја на премиерот Андреј Пленковиќ и ХДЗ, со политичка асистенција на неколку пратеници во Саборот, кои се безусловно лојални на ХДЗ.

"ХДЗ преку Турудиќ ја презеде контролата над клучната институција за кривично гонење, што е спротивно на уставната улога на ДОРХ како независно и самостојно правосудно тело," додаде Милановиќ.

Милановиќ нагласи дека власта на Пленковиќ веќе го контролира кривичниот процес со измени на Кривичниот закон, воведувајќи казни за објавување доверливи информации од истрагите. Овие измени во јавноста се познати како Lex AP (Андреј Пленковиќ).

Турудиќ, според Милановиќ, се дисквалификувал за оваа должност со своите тајни средби со лица под истрага во судот каде што претседаваше. Хрватскиот претседател оцени дека независни и самостојни институции мора да бидат политички приоритет за сите кои сакаат добро за Хрватска, кои ќе бидат ослободени од "партискиот јарем на ХДЗ".

Турудиќ, 62, денеска ја презеде функцијата главен државен обвинител, на која беше избран во февруари од Саборот со гласовите на владејачката коалиција.

Неговото назначување предизвика вербален судир меѓу Милановиќ и Пленковиќ, следено од контроверзи за неговите контакти со лица под истрага, вклучувајќи ги поранешната државна секретарка Јосипа Римац и поранешниот претседател на фудбалскиот клуб Динамо Загреб, Здравко Мамиќ.

Турудиќ ги отфрли обвинувањата и изјави дека владата на Пленковиќ нема да има привилегии и дека обвинителството ќе постапува по сите сомнежи. ссм/

фото: архива

Остани поврзан