• сабота, 21 декември 2024

Микати: Продолжуваат меѓународните напори за прекин на израелските напади врз Либан

Микати: Продолжуваат меѓународните напори за прекин на израелските напади врз Либан

Бејрут, 9 октомври 2024 (МИА) - Либанскиот премиер Наџиб Микати изјави денеска дека се уште траат арапските и меѓународните напори за прекин на израелските напади врз земјата.

„Израелската непопустливост и напорите на непријателот да го постигне она што го смета за добивки и победи продолжуваат да го попречуваат успехот на овие напори. Некои би можеле да веруваат дека дипломатските напори престанале и дека има нешто што наликува на премолчено одобрување на Израел да продолжи со својата агресија, но овој впечаток не е точен“, оцени Микати.

Тој додаде дека либанските власти се во контакт со странски партнери, кои вршат притисок на меѓународно ниво за прекин на огнот на одреден период со цел да се разговара за целосно спроведување на резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ОН, пренесува либанската агенција Нахарнет. Резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на Обединетите нации имаше за цел да ја реши Либанската војна од 2006 година и повика на целосен прекин на непријателствата меѓу Израел и Хезболах, повлекувањето на израелските сили од Либан да биде заменето со либанските сили и силите на привремените сили на Обединетите нации во Либан (УНИФИЛ).

Дополнително, резолуцијата повикува на разоружување на вооружените групи вклучувајќи го Хезболах, како и повлекување на вооружените сили, освен УНИФИЛ и либанската армија јужно од реката Литани, која тече околу 29 километри северно од границата со Израел. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан