• вторник, 26 ноември 2024

МИА трета година дел од Медиумскиот ден за средношколци

МИА трета година дел од Медиумскиот ден за средношколци

Скопје, 27 септември 2024 (МИА) - Средношколци од четири училишта во земјава денеска во рамки на Осмиот медиумски ден за средношколци ја посетија Медиумската информативна агенција која трета година по ред се вклучува во оваа активност со цел да се подигне свеста кај младите генерации за медиумската писменост.

Учениците од СУГС „Јосип Броз Тито“ од Скопје, СОУ „Кочо Рацин“ од Свети Николе, СУГС „Зеф Љуш Марку“ од Скопје и ОСЕУ „8 Септември“ од Тетово се запознаа со начинот на кој работи МИА, како се изработуваат и  дистрибуираат вестите и како се проверува дали некоја вест е лажна или не. Учениците беа запознати и со тоа дека вестите на МИА можат да ги најдат и на социјалните мрежи.

Како дел од посетата, учениците се запознаа и со работата во редакцијата за видео сервис во која беа информирани со начинот на кој се снимаат интервјуата и како се пренесуваат дневните настани во живо. 

Медиумскиот ден за средношколци го организира Институтот за комуникациски студии во рамки на проектот „Употреба на новинарство засновано на факти за подигање на свеста и спротивставување на дезинформациите во медиумскиот простор во Северна Македонија - Користи факти“ финансиран од Владата на Обединето Кралство, со поддршка на Британската амбасада Скопје.

Во рамки на Медиумскиот ден, ученици од средни училишта во земјава посетуваат повеќе медиуми и се дел од дискусија којашто годинава е на тема „Вештачката интелигенција и дезинформациите“. бак/ац/

Фото: МИА

 

 

 

 

Остани поврзан