• сабота, 16 ноември 2024
МИА Радиофлеш

13 октомври 2023 

- Мако Маркет е пример за компанија која ја поддржуваме во нејзиниот развој, проширување и унапредување на производството, а со тоа и нејзините вработени, кои имаат стабилни и достојно платени работни места, истакна вицепремиерот Фатмир Битиќи на посета на компанијата Мако Маркет ДОО Скопје која ја оствари заедно со претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски и в.д. директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски.

На настанот истакнаа дека компанијата во 2020 година започнала инвестицискиот проект од над еден милион и 400 илјади евра за проширување на производствените капацитети, за што поддршката од Владата досега изнесува над 10 милиони денари.

- Претседателот Стево Пендаровски е докажан евроатлантист и беше дел за почнување на преговорите на Република Северна Македонија со ЕУ, истакна денеска премиерот Димитар Ковачевски на новинарско прашање за ставот на шефот на државата  изнесено синоќа во интервју дека за уставните измени убавина со сила не бива. Ковачевски е на сличен став, а како што вели, се знаеше уште на самиот почеток дека процесот за обезбедување на двотретинско мнозинство во Собранието.

-Исто како што беше јасно  дека за обезбедување на дворетинско мнозинство за Преспанскиот договор ќе биде тешко. Меѓутоа, што се потврди на крајот, оние што беа најгласни против Преспанскиот договор, еве тука можам да споменам еден пратеник од ВМРО ДПМНЕ којшто, јас не знам што не правеше кога се носеше Преспанскиот договор, по само три дена тој вели дека тој е реалност, прифатливо итн. Никој од ВМРО-ДПМНЕ не вели дека ние не сме земја членка на НАТО и никој не вели дека тоа не било добро, изјави Ковачевски, по посетата на компанијата Мако маркет.

- Владата и Министерството за образование сите процедури околу новите учебници за учениците ги имаат завршено уште во текот на првите месеци на летото, истакна премиерот Димитар Ковачевски, кој денеска при посетата на фирмата „Мако маркет“ во Скопје даде одговор на прашањето зошто дел од учебниците не се дистрибуирани до учениците и дали министерот за образование треба да сноси одговорност.

- Сите оние книги коишто се добиени од автори, од националната комисија за одобрување на учебници веднаш одат во процес на печатење. Оние што не биле подготвени тие и не можат да бидат испечатени, бидејќи МОН не ги пишува книгите и не ги одобрува. Тоа го прави независна финална комисија. Најголемиот дел од учебниците се испечатени, се дистрибуирани, дел се прави и за викенди. Значи, еден учебник, не би го кажувал предметот, каде меѓу себе конкурираа четири автори и кои согласно со законски процедури требаше комисијата да избере еден од авторите учебник и целата таа процедура е таму регулирана, а не во Владата, вели Ковачевски.

- Премиерот Димитар Ковачевски смета дека со носењето на Законот за нефер трговски практики ќе бидат исклучени можностите да се користат неетички практики со цел да се остварат поголеми стапки на добивка и дека ќе придонесе за намалување на цените на производите.

-Законот за забрана на нефер трговски практики го регулира синџирот од производство до продажба на финален производ наменет за домашниот пазар. Со него ќе бидат исклучени можностите да се користат неетички практики со цел одредени играчи во дистрибутивниот канал без разлика дали се тоа големопродавачи или малопродавачи да ја користат својата доминантна пазарна позиција и за остварување на поголеми стапки на добивка визави производителите и визави купувачите, рече Ковачевски во одговор на прашање при денешната посета на скопската компанија Мако Маркет заедно со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и додаде дека мисли оти законското решение е веќе излезено на ЕНЕР.

- Шефот на Делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Дејвид Гир, денеска ја посети Општина Шуто Оризари, каде имаше средби со градоначалникот Курто Дудуш и со општинскиот Совет на кои станало збор за предизвиците со кои се соочува Општината. 

Евроамбасадорот Гир и градоначалникот Дудуш нагласија дека на средбата дискутирале за прашања од сферата на образованието, домувањето, здравствените услуги, јавниот транспорт и други прашања коишто ги засегаат граѓаните.  

-Се разбира дека би било целосна грешка ако се гледаат сите проблеми коишто постојат во Шуто Оризари во контекст на предизвици. Напротив. Во Општина Шуто Оризари постои голема разноликост на население кое што има многу богата културна, јазична и историска традиција, така што мислам дека сите заедници коишто живеат во Шуто Оризари навистина можат да направат голем придонес.

- Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вели дека власта и опозицијата различно ја интерпретираат моменталната инфлација во земјава и дека секој ги толкува бројките како што сака. Тие, како што вели, зборуваат за просечна, а власта за месечна инфлација.

-Различно ги интерпретираме. Ние велиме до крај на годината ќе имаме инфлација од 5 отсто, ама просекот во годината не се зема од последниот месец. Тие зборуваат за просек, а ние зборуваме за инфлација во еден месец, така што различни бројки различно ги гледаме. Тоа е убавината на демократијата. Секој ги гледа како сака бројките и ги толкува. Јас знам само една работа. Сме кажале дека просечната инфлацијата во 2023 година ќе биде 8 отсто, а дека се стремиме да ја завршиме годината со инфлација од 5 отсто, рече Битиќи во одговор на новинарско прашање при денешната посета на скопската компанија Мако Маркет заедно со премиерот Димитар Ковачевски.

- Од Струмица денеска тргна караванот за намалување на стигмата поврзана со менталното здравје на младите и да се промовира инклузивна култура која ги охрабрува луѓето да зборуваат и да побараат помош кога имаат потреба.

Караванот е замислен како младинска пешачка рута со разновидни креативни активности и можности за меѓусебни разговори, а денеска во Струмица младите од овој град, заедно со министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска и претставничката на УНИЦЕФ, Патриција Ди Џовани, пешачеа и разговараа на патеката од Градскиот парк во Струмица до Спомен костурницата.

Според министерката Тренчевска, по пандемијата со КОВИД-19 сите воочиле промени кај себе, наишле на предизвици кои навидум биле претходно непознати. Вознемиреност, отсутност, апатија и недостаток на мотив се само дел од предизвиците за кои младите говореа дека ги спознале во овој период, но со кои потешко се справуваат.

- Државната комисија за спречување на комисијата (ДКСК) на денешната седница по предметот оформен по сопствена иницијатива во однос на склучени договори за јавна набавка меѓу Општина Охрид и правни лица за уривање на бесправно изградено објекти на територијата на Охрид, констатира дека постои неусогласена законска регулатива, а надлежностите се префрлаат од централна на локална власт. 

-По спроведената постапка, констатирано е дека надлежностите само се префрлаат од централната на локалната власт, од еден орган на друг орган, а од инспекциските органи и Министерството за транспорт и врски исто така детектирани се состојби на слабости. Имаме неусогласена законска регулатива, поточно за Законот за просторно и урбанистичко планирање, Законот за градежно земјиште, Законот за градење, Правилникот за формата и содржината на барањето, потребната документација, образецот и решението за изведување на градбите, рече на денешната седница Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК.

- Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во придружба на претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола денеска престојува во Израел, со цел да изразат солидарност со земјата за жртвите на терористичките напади на Хамас, информира главниот портпарол на ЕК, Ерик Мамер. 

Тој додаде дека за време на престојот предвидено е Фон дер Лајен и Мецола да се сретнат со претставници на израелските власти, нагласувајќи дека ЕУ стои на располагање да одговори на потребите на Израел. 

- ЕУ го осуди терористичкиот напад на Хамас и изрази длабоко жалење за загубените живот. Исто така кажа дека Израел има право да се брани во согласност со меѓународното хуманитарно право, при што најважна е заштитата на цивилите на двете страни и насекаде, потенцира Мамер. 

- На социјалните мрежи кружат видеа кои го покажуваат напаѓач кој денеска со нож избоде наставник и повреди неколку други лица во средно училиште во градот Арас во северна Франција.

На снимката, која е направена во училишниот двор, се гледа како помлад маж мавта со нож во рацете додека се расправа со постар човек. Во прашање е наставник кој напаѓачот подоцна го убил. Како што сведочат самите ученици за локалните медиуми, наставничката се обидела да го спречи напаѓачот да влезе во училиштето.

Францускиот весник „Фигаро“ наведува дека напаѓачот упаднал во училиштето вооружен со нож извикувајќи Алаху Акбар, а потоа го избодел наставниот.

- Потпретседателот на Европската комисија, Маргаритис Схинас изјави дека Турција мора да избере страна во меѓународната геополитика, пренесува атински „Катимерини“.

Во говорот на Втората конференција на Источниот Медитеран и Југоисточна Европа, организирана од Економскиот форум Делфи, Шинас посочи дека Турција мора да направи избор меѓу Европската унија, НАТО и нивните вредности, од една страна, и Русија, Иран, Хамас и Хезболах од друга страна.

Схинас додаде дека минатата сабота сите се разбудивме со шокантната вест за насилен терористички напад на повеќе фронтови, започнат од Хамас против државата Израел и невините луѓе.

„Од првиот момент, сите 27 земји-членки на ЕУ едногласно го признаа правото на Израел да се брани, го осудија терористичкиот напад и гласно објавија дека нема оправдување за теророт... Турција мора да избере на која страна од историјата сака да биде: со нас  – Европската унија, НАТО, со нашите вредности, етосот на Западот – или со Москва, Техеран, Хамас и Хезболах“, рече тој и нагласи дека „одговорот мора да биде јасен“.

- Руските истражители уапсија адвокат кој работел за затворениот руски опозициски лидер Алексеј Навални и ги пребарале домовите на уште двајца адвокати, соопштија денеска неговите соработници.

Тие рекоа дека тројцата адвокати се под истрага поради сомневање дека припаѓаат на екстремистичка група и ги обвинија властите дека отвориле случај против нив со цел дополнително да го изолираат затворениот Навални.

„Утринава се спроведуваат полициски рации во домовите на тројцата адвокати на Навални. Еден од нив е приведен, а ние не можеме да стигнеме до другите двајца“, објави помошничката на Навални, Марија Певчих на социјалната платформа Х.

– Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лален в недела ќе отпатува за Тирана, каде што ќе има средби со шефот на албанската држава Бајрам Бегај и со премиерот Еди Рама посветени на преговарачкиот процес на земјата за членство во ЕУ, соопшти главниот портпарол на ЕК, Ерик Мамер на денешниот редовен пладневен брифинг. 

- В понеделник претседателката ќе учествува на Самитот на Берлинскиот процес со партнерите од Западниот Балкан и ќе присуствува на отворањето на Колеџот на Европа во Тирана, додаде Мамер. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во одговор на новинарско прашање зошто Фон дер Лајен ќе ја посети само Албанија, а не и Северна Македонија, кога и двете земји се на исто ниво во процесот на преговори за членство и „секогаш одат заедно“, Мамер изјави дека таа заминува за Тирана за учество на Самитот на Берлинскиот процес.

- Косовскиот премиер, Албин Курти по денешната средба со американските сенатори Џин Шахин и Питер Велч, кои престојуваат во официјална посета на Косово, изјави дека ги информирал гостите од САД со најновите податоци за нападот на 24 септември во Бањска и за вмешаноста на Србија во него, јави дописникот на МИА од Приштина.

На заедничката прес-конференција со Шахин, Курти рече дека од обезбедените докази е очигледно дека нападот во Бањска бил дел од поширок план на Белград за анексија на северот на Косово преку координирани напади на 37 локации.

Тој нагласи дека дијалогот меѓу двете држави, со посредство на Европската унија, со оглед на дестабилизирачките тенденции на Србија, не може да продолжи нормално.

- Либанското движење Хезболах, кое е  поддржано од Иран, денеска соопшти дека е подготвено да му се придружи на Хамас во војната против Израел кога ќе дојде време. 

-Ние сме целосно подготвени и кога ќе дојде време за акција ние тоа ќе го преземеме, рече заменик-шефот на Хезболах, Наим Касем, на собирот за поддршка на Палестинците во јужните предградија на Бејрут, јави „Тајмс оф Израел“. 

Во последните денови израелската војска ги засили силите во северниот дел на земјата поради стравувањата дека терористичката група Хезболах, чие седиште е во Либан, ќе отвори втор фронт поради војната предизвикана со инвазијата на Хамас од Појасот Газа врз јужен Израел. 

 - Главниот израелски армиски портпарол, Даниел Хагари, негираше дека со израелското бомбардирање на Појасот Газа биле убиени заложниците кои беа заробени од екстремистите на Хамас на југот на Израел и одведени на палестинска територија.

-Имаме своја информација и не веруваме во лагите на Хамас. Ја потврдивме информацијата што стигна до нас, рече Хагари во интервју за арапската телевизија Ал Џезира и негираше дека Израел има за свои цели цивилна инфраструктура, додавајќи дека Хамас користи болници и згради на Обединетите нации како командни центри,копајќи тунели под нив.

Тој го повтори повикот до Палестинците да се евакуираат од север кон југ на Појасот Газа.

-Ќе го следиме вашето движење. Не ве гаѓаме додека одите на југ. Знаеме дека Хамас го попречува движењето на патиштата кон југ, рече Хагари, обраќајќи им се на Палестинците во Газа.

- Шефот на иранската дипломатија, Хосеин Амир-Абдолахиан, денеска предупреди дека доколку веднаш не престанат израелските напади врз Појасот Газа насилството може да се прошири и на другите делови на Блискиот Исток.

Иранскиот министер за надворешни работи ова го кажа по состанокот со неговиот либански колега Абдала Бу Хабиб, во Бејрут, на кој двајцата повикаа на прекин на нападите врз Газа.

Гардијан пренесува дека министерот Амир-Абдолахиан се сретнал и со лидерот на Хезболах, Хасан Насрала, како и со премиерот на либанската преодна влада Наџиб Микати и со претседателот на парламентот на земјата. 

-Она што е чудно е што додека Америка ги повикува страните на воздржаност, во исто време им дозволува на ционистичките криминалци да убиваат жени, деца и цивили во Газа, рече шефот на иранската дипломатија. 

- Амбасадорот на Европската унија во Албанија, Луиџи Сореца изјави дека интеграцијата на Западен Балкан во Унијата ќе биде на врвот на политичката агенда, на самитот на Берлинскиот процес, што ќе се одржи на 16 октомври во Тирана. 

За време на конференцијата, во Тирана, во врска со улогата на парламентот на патот на интеграцијата, Сореца оцени  дека Берлинскиот процес игра многу важна улога за земјите од регионот.

Според Сораца, целта е да се обединат земјите од Западен Балкан на заеднички пазар пред да влезат во ЕУ и земјите да имаат пријателски односи.

Исто така, додал, дека е многу  важно министрите и шефовите на држави да се сретнат, но и членови на  парламентите , претставници на народот во регионот, да се сретнат и да го покажат своето единство и да излезат со заеднички изјави.

- Палестинскиот претседател Махмуд Абас денеска во разговор со американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека „го отфрла принудното раселување“ на Палестинците во Газа, јави палестинската новинска агенција ВАФА. 

Двајцата се состанаа во јорданската престолнина и притоа Абас кажа дека присилното раселување на Палестинците во Газа ќе претставува „втора Накба“, мислејќи на масовното раселување на Палестинците во 1948 година за време на војната што следеше по создавањето на Израел. 

Накба или „катастрофа“ се однесува на раселувањето на околу 760.000 Палестинци, кои побегнале или биле протерани од своите домови за време на војната во 1948 година што се совпадна со создавањето на Израел. 

Остани поврзан