• среда, 27 ноември 2024

МЗД ќе поднесе претставка до Уставниот суд за начинот на избор на членови во КСЗД

МЗД ќе поднесе претставка до Уставниот суд за начинот на избор на членови во КСЗД

Скопје, 23 декември 2023 (МИА) - Претставниците на Мрежата за заштита од дискриминација (МЗД) на денешната прес-конференција упатија апел до пратениците кога ќе гласаат за членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) тоа да биде непристрасно и во корист на граѓаните заради кои и постои оваа институција. Тие велат дека во изборот на кандидатите за КСЗД, пратениците не го почитувале законот и заради тоа МЗД ќе поднесе претставка до Уставниот суд. 

Како што посочуваат, тие не бараат места за претставници за граѓанските организации во Комисијата, или пак пратениците, политичките партии да им направат услуга и да ги изберат нив, туку фер, транспарентен избор, согласно закон, не за една, не за две позиции, туку за сите позиции во КСЗД, а Собранието, како што велат, години нема политичка волја тоа да го направи. 

-Одлуката да ми го дадат најкраткиот мандат во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација е понижувачка, не само кон мене, туку и кон целиот граѓански сектор и експертите што со години се занимаваат со дискриминацијата. Јавно кажувам дека нема да го прифатам најкраткиот мандат и сметам дека кон мене е сторена политичка дискриминација, бидејќи не сум поврзана со политичка партија, додека на другите кандидати кои се поврзани со политички партии им се дадени подолги мандати. За мене ова значи дека му се спротивставуваме на потценувачкиот однос кон граѓанскиот сектор, кон експертизата и знаењето и нема да дозволиме да мислат дека со тоа што ќе ни дадат мандат од 1 година и 2 месеци ќе не замолчат, порача Драгана Дрндаревска, кандидатка за член во КСЗД .

Со изборот на партиски кадри, наведе таа, независноста на Комисијата е повторно ставена под знак на прашање. 

Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска, потсети дека според Законот кандидатите треба да имаат седум години работно искуство во областа на човековите права, од кои пет години во областа дискриминација. 

-Не заборавајте, политичката дискриминација во Македонија е многу присутна и тргнувајќи од тоа не може да се очекува дека лицата што се избрани врз партиска основа ќе можат непристрасно и професионално да одлучуваат токму во тие случаи на политичка дискриминација, изјави Пировска која исто така потсети дека СДСМ најмногу ја критикувале работата на КСЗД кога биле опозиција токму поради изборот на партиски членови. 

Додаде дека при постапката на избор на членови на КСЗД направени се неколку законски пропусти, додека со оглед на тоа дека кандидатите треба да имаат 5 години искуство во областа на дискриминацијата, а 7 години во областа на човековите права, како што рече, очигледно е дека оваа одредба многу широко се толкува затоа што дел од предложените кандидати го немаат тоа искуство. 

Претседателката на Mакедонско здружение на млади правници, Александра Цветановска, рече дека Законот е погрешно толкуван и оти мандатот не може да биде пренесен, ако е истечен како во овој случај.

-Тоа е грешка, што треба да се исправи, затоа што мандатот не може да биде пренесен на друго лице, како што е случајот со Драгана Дрндаревска која е предложена за мандат од 1 година и два месеци, за разлика од другите кои имаат мандат од 5 години, а мандатот е истечен односно времето во кој требаше да биде избрано лице за таа позиција,  посочи Цветановска.

Меѓу предложените кандидати нема лица со попреченост, дополни таа, иако меѓу пријавените имаше луѓе кои имаат попреченост, а кои имаат големо искуство во оваа област, а Комисијата, според Законот, како тело треба да ги одрази различностите во општеството, како и по основ на род, односно родово балансирано членство во Комисијата. 

Кандидатите за членови во Комисијата од граѓанскиот сектор Елена Кочовска, Давид Тасевски и Маја Атанасова кажаа дека „со ваквиот избор, државата покажува дека не сака да има функционални институции и не сака луѓе кои, и покрај својата различност, можат многу да придонесат во развојот на државата“. Тие велат и „дека не сакаат да дозволат Комисијата која треба да им служи на најранливите граѓани во државата да стане жртва на партиското вработување“. сх/лв/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан