• среда, 25 декември 2024

МЖСПП: Почнува изработката на Акциски план за кафеавата мечка

МЖСПП: Почнува изработката на Акциски план за кафеавата мечка

Скопје, 29 февруари 2024 (МИА) - Иницијална работилница за изработка на Акциски план за управување со кафеавата мечка за територијата на нашата држава денеска одржало Министерството за животната средина и просторно планирање.

Целта на работилницата, како што соопшти МЖСПП, била да се споделат информации за процесот на подготовка на Акциски план за кафеавата мечка во Северна Македонија и да се слушнат ставовите на засегнатите страни уште во раната фаза на неговата изработка.

-Настанот беше подржан и од реномирани експерти од Хрватска кои ги споделија искуствата за управување со мечките во земјите од ЕУ, како и од национални експерти кои ги презентираа податоците за состојбата на кафеавите мечки во нашата држава, наведува Министерството.

Во соопштението се посочува дека потребата од изработка на ваков акциски план е неодложна откако „неодамна се соочивме со предизвици поврзани со симнувањето на мечките во населени места и вознемирување на локалното население“.

МЖСПП додава и дека е искористена можноста оваа активност да се реализира преку имплементацијата на ИПА 2 проектот „Зајакнување на капацитетите за Натура 2000 и ЦИТЕС“ во кој една од активностите е „Изработка на акциски планови за живеалишта и видови“.

На настанот присуствувале претставници од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Државниот инспекторат за животна средина, Факултетот за ветеринарство, ЈП Национални шуми, претставници од националните паркови и заштитените подрачја, ловечки здруженија, невладини организации и други институции и организации од државата кои работат со оваа проблематика. хс/бак/

Фото: МЖСПП

 

Остани поврзан