• вторник, 26 ноември 2024

Меџити: Да престане партизацијата и во здравството и во образованието

Меџити: Да престане партизацијата и во здравството и во образованието

Скопје, 12 мај 2023 (МИА) - Ако ние се стремиме да одиме кон Европска Унија, крајно време е сега веднаш да престанат партиските вработувања, не зборувам само за во здравството, туку и за во образованието. Ако е добар менаџер, треба да остане 30 години како менаџер, ако е добра сестра, таа треба да остане 30 години како главна сестра, рече министерот за здравство, Фатмир Меџити, во гостувањето на емисијата „Топ Тема“ во Телевизија Телма во однос на прашањето поврзано со партиските вработувања и дека медицинските кадри не добиваат реални предности според нивната заслуга туку добиваат предности во однос на политиката.

Во однос на големиот одлив на здравствениот кадар, министерот Меџити рече дека ја разгледува можноста студентите од трите медицински факултети во нашата држава, кога ќе стигнат до последната академска година на факултет, да знаат каде ќе им биде работното место во иднина.

- Затоа ќе има реорганизација и систематизација. Знаеме дека на Универзитетската Клиника „Мајка Тереза“ имаме хиперпродукција на кадар. Не ни треба толку кадар, а се вработени со миграцијата, од село во град, односно во Скопје. Ова мора да престане. Мора веднаш и да престанат партиските вработувања, секаде, не само во здравството, истакна Меџити.

Поради истата проблематика за миграцијата на кадрите во Скопје, тој одговорноста ја бара од менаџерите на здравствените институции и информираше дека преземени се мерки во однос на тоа прашање со дисперзирање на кадрите од клинички центар низ цела земја, но подвлече дека тоа ќе се случи преку стимулации, вклучувајќи ја и финансиската стимулација.

- Тука сум транспарентен, многу отворен. Јас зборувам и во име на Владата и затоа на секоја седница на Влада апелирам да има повеќе финансии во здравство и еднаш засекогаш да престанат овие партиски вработувања, партиски назначувања, посочи Меџити.  

Министерот спомна дека сака да реализира спојување на клиничкиот центар „Мајка Тереза“ со еден генерален директор со неколку раководители и информираше дека се планира да се направи ургентен интернистички центар со тријажа за тоа што пациентите биле принудени да шетаат по ходниците од една клиника во друга клиника.

- Сега како министер од прв ден почнав, тоа ми беше приоритет. Еднаш засекогаш да го решиме тоа. Работиме интензивно на идеен проект, на физибилити и на се и ќе почнеме во актуелната Kлиника на токсикологија веќе подготовките се при крај и ќе почнеме да го адаптираме просторот таму и да направиме интернистички ургентен центар со тријажа. Доаѓа пациент од сите специјалности ќе има тука и специјализанти и специјалисти што ќе го покрива, 24 часа ќе функционира, ќе доаѓаат – ако треба опсервација ќе седи колку треба, ако е за хоспитализација ќе има тријажа во одредена клиника, а ако не ќе се врати пациентот дома, подвлече министерот Меџити.  

Упатувајќи позитивни забелешки во однос на апликацијата „Мој термин“, тој исто така информираше дека со неговата екипа работат на апдејтирање и ажурирање на истото и дека се при крај на дисперзирањето на препишувањето на терапиите кон матичните лекари, затоа што, според евиденцијата и статистиките со коишто се располага, со сегашните закажувања од другите градови кои патуваат до нивните специјалисти за да им се препишуваат одредени лекови сочинуваат 30 проценти од гужвата што се случува со пациентите.

- Треба организација добра, треба ред да има и дисциплина и тоа ќе го поставиме низ цела Македонија со инспекција и контролори од „Мој термин“, ќе има и втори смени и за дијагностика и за апарати, ќе има и за „Мој термин“ прегледи за да тие листи на чекање не бидат толку долги, појасни Меџити додавајќи дека ќе има транспарентна листа на операции и нема некој да дојде преку ред или ќе има посебен дел кај ќе има простор за итни пациенти да се решаваат. сх/нд/

Фото: Принтскрин

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан