• сабота, 23 ноември 2024

Меѓународна летна школа за бегалско право и миграции, учесници од 50 држави

Меѓународна летна школа за бегалско право и миграции, учесници од 50 држави

Скопје, 17 септември 2024 (МИА) - Центарот за право на бегалци и миграции при Правниот факултет „Јустинијан Први“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и претставништвото на УНХЦР во Северна Македонија, по јубилеен петти пат ја организираат летната школа за правата на бегалците и миграциите. 

Летната школа се одржува од 16 до 20 септември 2024 година, а темата е: „Меѓународното право за бегалци и заштита на лицата без државјанство: граници, националност и перспективи од глобалниот југ“. 

Според организатоприте, летната школа претставува уникатна можност за студенти од целиот свет, од сите три циклуси на студирање, да се стекнат со знаење од областа на право на бегалци и миграција. Програмата опфаќа 12 редовни предавања и дополнителни попладневни сесии распределни во пет дена. Летната школа е дизајнирана да им помогне на студентите критички да размислуваат за прашања поврзани со правата на бегалците и миграцијата во интердисциплинарен и меѓународен контекст. Предавачите на оваа летна школа доаѓаат од целиот свет и се од редот на универзитетски професори, како и експерти и практичари од областа на правото за бегалци и миграцијата и пошироко.

- Годинашната програма исто така ја одбележува 70-годишнината на Конвенцијата на Обединетите нации за бездржавјанство од 1954 година и завршувањето на десетгодишната кампања за ставање крај на бездржавјанството #ЈасПрипаѓам (#IBelong). И покрај овие напори, најмалку 4,4 милиони луѓе во светот остануваат без државјанство. За да го потенцира овој проблем, летната школа ќе ги претстави Ана Белике, борец за човекови права која се застапува за права на државјанство и еднаквост во Доминиканската Република и Маха Мамо, глобален глас за свет во кој секој има право да припаѓа. И двете имаат искусено живот без државјанство и храбро ги имаат надминато овие предизвици. Нивните сведоштва и преживеани искуства ќе ги контекстуализираат теоретските и правни пристапи кои се дискутираат во ова издание на школата, соопшти Центарот за право на бегалци и миграција.

На отворениот повик за летната школа аплицирале 110 студенти од различни делови на светот, а можност да присуствуваат добиле 50 студенти од 50 држави.

На отворањето на летата школа се обратиле  претставникот на Канцеларијата на Високиот комесаријат за бегалци при Обединетите Нации – УНХЦР Габриел Гуалано де Годој, деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ проф.д-р Сашо Георгиевски и проф. д-р Елена Михајлова Стратилати, раководителка на Центарот за бегалци и миграции. мд/ев/

Фото: Фејсбук на Центарот за право на бегалци и миграција

Остани поврзан