• сабота, 06 декември 2025

Меѓународен шаховски турнир организираше ГШК „Кочани“ во спомен на жртвите од клубот „Пулс“

Меѓународен шаховски турнир организираше ГШК „Кочани“ во спомен на жртвите од клубот „Пулс“

Кочани, 14 јуни 2025 (МИА) – Градскиот шаховски клуб „Кочани“ е домаќин на првиот Меѓународен турнир во шах што се организира во спомен на жртвите од пожарот во клубот „Пулс“ и за хуманитарна помош во третманот на повредените во трагедијата.

Под мотото „Играме шах за Кочани“ турнирот се одржува со поддршка од Општина Кочани и од Шаховската федерација на Македонија, а учествуваа 115 шахисти од сите клубови во државата, како и од Србија, Бугарија и Албанија. Иако беше најавено учеството, не допатуваа натпреварувачи од Црна Гора и Косово, но нивните шаховски федерации учествуваа со финансиска помош за повредените.

На отворањето на турнирот, претседателот на ГШК „Кочани“, Благој Ситновски најави дека тој ќе биде традиционален и секоја година ќе се одржува на една недела пред 16 март. Од македонската шаховска федерација нагласија дека на натпреварите ќе се игра забрзан шах во девет кола по швајцарски систем, а турнирот ќе биде отворен за сите шахисти, без оглед на рејтинг, титула или место на живеење.

-Шаховската јавност во Македонија покажа дека сочувствува со Кочани и со семејствата на лицата кои го загубија животот, како и со повредените во несреќата на 16 март, и таа трагедија никогаш не треба да се заборави. Турнирот ќе продолжи да се одржува и во наредните години и ќе се рејтингува согласно ФИДЕ-правилата, истакна Зоран Стојчевски, член на Управниот одбор на Шаховската федерација на Македонија.

Меѓународниот шаховски турнир го отвори в.д. градоначалникот на Кочани, Венко Крстевски нагласувајќи дека главна цел е да се врати популарноста на шаховската игра меѓу младите, за што Локалната самоуправа ќе обезбеди соодветна финансиска и друга поддршка.

Наградниот фонд за турнирот го обезбеди Општина Кочани, а сите приходи ќе бидат донирани во фондот за загинатите и повредените во несреќата во клубот „Пулс“.та/лв/

фото: МИА

Остани поврзан