• сабота, 23 ноември 2024

Мецола од Љубљана: Си поставив задача да ја доближам ЕУ до младите и различните

Мецола од Љубљана: Си поставив задача да ја доближам ЕУ до младите и различните

Љубљана, 26 март 2024 (МИА) - Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола ги повика Словенците да гласаат на европските избори во јуни и рече дека си поставила задача да го пукне таканаречениот „бриселски меур“ и да ја приближи Европската унија до младите и различните, јавија словенечките медиуми.

-Си поставив задача да го пукам бриселскиот меур. Сакам да ја доближам ЕУ до младите и различните. Не смееме да мислиме дека до тука сме дојдени случајно. Тука сме и поради Словенците кои излегоа на гласање, изјави Мецола пред словенечкиот Парламент.

Претседателката на ЕП е во официјална посета на Словенија во рамки на турнејата низ земјите членки на ЕУ пред изборите за Европскиот парламент во јуни. Таа се состана со словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар и премиерот Роберт Голоб.

Пирц Мусар рече дека јавното мислење во Словенија за ЕУ ​​е многу позитивно и луѓето ги поддржуваат европските теми како заедничката валута и единствениот пазар. Според неа, голем дел од Словенците сметаат дека европските избори ќе се одразат на нивниот живот и работа.

Голоб ги повика Словенците да гласаат на претстојните избори, бидејќи на нив „ќе одлучиме во каква Европа сакаме да живееме“.

-Дали сакаме да живееме во Европа на популизам, во Европа каде што ќе бидеме непријатели на странците, во Европа каде што ќе го отфрлиме владеењето на правото и каде што национализмот повторно ќе почне да цвета. Или сакаме да напредуваме по европскиот пат кој ја инспирираше Словенија пред 20 години кога решивме да влеземе во ЕУ. Ова е патот на владеењето на правото, патот на демократијата и отворените пријателства, истакна словенечкиот премиер.

Мецола истакна дека со оваа турнеја пред европските избори сака да ги покаже достигнувањата на ЕУ, како и што друго може да се направи и до каде може да оди Европската унија. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан