• петок, 05 декември 2025

Мециновиќ и Јовановска на средба со лицата со оштетен слух, институциите мора да имаат толкувачи на знаковен јазик

Мециновиќ и Јовановска на средба со лицата со оштетен слух, институциите мора да имаат толкувачи на знаковен јазик

Скопје, 11 октомври 2025 (МИА) - Кандидатот за градоначалник на Скопје, Амар Мециновиќ оствари средба со лицата со оштетен слух. На средбата на која се дискутирало за институционалните препреки со кои се соочуваат овие лица присуствуваа и носителката на советничката листа за град Скопје Катерина Јовановска и носителот на советничката листа за Центар Андреј Куцуловски, информираат од „Левица“ преку соопштение што МИА го објавува интегрално.

„Во пријатна атмосфера, разговаравме за сериозни прашања поврзани со позицијата на овие лица во нашето општество, кои често се соочуваат со недоволна институционална поддршка. Ги допревме и општите проблеми како јавниот превоз, загадувањето и лошите услуги за граѓаните, но исто така ја потенциравме и потребата од посебна финансиска поддршка за клубот, за програми за олеснување на услугите на градот, како и поддршка за нивните спортски активности. Веруваме дека политиките треба да се водат според приоритетите на луѓето и да им нудат решенија според нивните потреби“, истакна Мециновиќ.

Јовановска, пак, потенцира дека ако секој жител на Скопје се соочува со секакви препреки во секојдневниот живот, овие лица, како и останатите лица со попреченост се соочуваат со тројно повеќе препреки. 

„Во ниту една институција нема толкувач на знаковен јазик. Замислете само да треба со себе да носите член од фамилијата или пријател каде и да одите, затоа што не може на друг начин да се ’разберете’ со службениците“, вели Јовановска.

Таа истакна и дека како советник, во Советот на Град Скопје, се залагала за вработување на лиценциран толкувач на знаковен јазик во градската администрација, но за жал тоа до сега не е реализирано.

„Градот Скопје и општо целата држава е дом на сите граѓани подеднакво и ние ќе продолжиме институционално да се бориме за лицата со попреченост да ја добијат сета институционална подршка која им е потребна“, вели таа.

Фото: Левица

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан