• четврток, 17 октомври 2024

Мециновиќ: И законот на ВРЕДИ и ДПМНЕ ќе биде штетен како балансерот на СДС и ДУИ

Мециновиќ: И законот на ВРЕДИ и ДПМНЕ ќе биде штетен како балансерот на СДС и ДУИ

Скопје, 16 октомври 2024 
 
,,Оваа двојазичност е нелегална и противуставна и очигледно е дека и законот што ќе го донесат ДПМНЕ и ВРЕДИ ќе биде штетен како балансерот на СДС и ДУИ", во оваа насока говореше народниот пратеник и портпарол на Левица, Амар Мециновиќ, во дебата на ТВ 24.
 
- Како што ја разбрав колешката од ДПМНЕ, по тоа што го кажа таа дека имало лошо законско решение кое сега е подложно на ваква одлука на Уставниот суд - дали тоа значи дека вие сега ќе направите Закон за двојазичност кој нема шанси да падне на Уставен суд? Сега вие ќе донесете подобар закон за двојазичност и ќе ја доведете двојазичноста за да не падне на Уставен суд и да не ви прави коалициски проблеми - потенцираше Мециновиќ, обраќајќи се кон претставничката од власта на дебатата на ТВ 24.
 
Пратеникот истакна дека Левица е партија со постулати за задржување на унитарниот карактер на државата.
 
- Ние се држиме до тие принципи. Ако вие одите кон федерализација, тогаш тоа е ваша одлука, која не верувам дека е правилна - вели тој.
 
Како што потенцираше во дебатата портпаролот на Левица, балансерот и етничката застапеност се инструменти за брокерство за моќ помеѓу двата политички кампуса.
 
- На јавноста да ù биде јасно дека - бидејќи ние немаме граѓански партии, немаме идеолошки партии, имаме етнички партии, тоа се користи за брокерство на моќ. Многу просто ќе се обидам ова да го објаснам сликовито: албанските партии секогаш ќе бидат џуниор - партнери само заради самите бројки. Како џуниор -  партнер, тие пробуваат да ја подобрат својата позиција во склоп на владеењето, па така преку овие инструменти, секоја одлука во институциите има етничка координација; секоја одлука мора да стапи со политички консензус помеѓу партиите и едноставно - ова е брокерство за моќ, а не за вистински решенија - појасни Мециновиќ.
 
Во дебатата, тој даде образложение и за ,,балансирањето на етничка припадност во институциите".
 
- Зборуваме за институции како Пошта, на пример, каде што нема скенери за пратки, па може да се праќа оружје по делови. Е, за такви институции зборуваме каде што треба да се балансира етнички, или дали зборуваме за етнички баланс каде што има група која е дискриминирана на ниво на расизам како Ромите, кои ги нема во државните институции како што би требале да бидат според некоја правична застапеност? Или, пак, за помалите етнички заедници како што се Власите, Бошњаците, Србите, Црногорците - има феномен каде што компетентноста на тие кандидати не може да излезе на виделина, затоа што тој ако е припадник на мала етничка заедница, воопшто не треба ни да се пријавува, затоа што тоа место не е наменето за него, затоа што е Влав, затоа што е Бошњак или така натаму - појасни народниот пратеник од Левица.
 
Тој се осврна и кон нефункционалноста на системот поради кој луѓето си заминуваат од државата.
 
- Никому не му е гајле дека државната управа ни е умрена, дека имаме институции заради кои луѓето бегаат надвор. Се однесувате како да нема други етникуми во оваа држава. Едноставно, на крајот на краиштата, и оваа влада исто како и минататата ќе има свој придонес во продлабочувањето на агонијата на нашите граѓани - поентираше тој.
 
Кон честитките кон Албанија кои ги упатија сите учесници во дебатата, се приклучи и пратеникот Мециновиќ.
 
- Во Албанија, генерално, имаат популација која е про - ЕУ, која сака да се интегрира во Европската Унија, така што  ако ова се заснова на волјата на народот на Албанија, тогаш им честитаме во прогресот кој го имаат на овој пат. Од друга страна, во Македонија ситуацијата е малку поразлична, самата наша  популација е малку евроскептична: прво - заради европските бирократии и европските политики кои се многу тврди према Македонија и никогаш македонските граѓани не виделе дека има простор за компромис со нашите европски партнери, а другата причина се партиите со кои јас денес тука дебатирам и тоа се партиите кои не ни дале резултати во поглед на европската интеграција, а тоа се гледа низ низата европски извештаи кои даваат конкретни замерки зошто ние не го проолжуваме европскиот пат, освен овие капитулации кои сакаат да се протнат.
 
Тој во дебатата ги спомена и 23-те  министерства. Според него, тие 23 министерства реално не постојат во Македонија за да им ги решаваат проблемите на граѓаните, туку постојат за да се задоволат коалициските и етничките апетити.

ПП Левица

___________________________________________________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

фото: МИА архива

Остани поврзан