• сабота, 23 ноември 2024

Мехмедовиќ за МИА: Состојбата со Ковид-19 се следи на дневно ниво, засега не се планираат нови мерки

Мехмедовиќ за МИА: Состојбата со Ковид-19 се следи на дневно ниво, засега не се планираат нови мерки
Скопје, 7 јули 2022 (МИА) - Засега не се планираат нови мерки за заштита од коронавирусот. Состојбата се следи на дневно ниво и најмногу зависи од болничките капацитети и бројот на починати лица, изјави за МИА д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести. - Комисијата за заразни болести во изминатиот период најави дека мерките што ќе се носат, а ќе бидат во насока на превенција и ќе бидат согласно параметрите што ги следиме од Центарот за контрола за болести, а тоа не е само бројката на новозаразени, туку се и болничките капацитети, односно исполнетоста на болниците, како и бројот на починати што се регистрираат согласно дневните Ковиц статистики, вели Мехмедовиќ. Согласно анализите во последниот извештај, тој истакна дека во моментов актуелни се мерките за носење маска во јавен превоз, аптеки, здравствени установи и старечките домови и домови за лица со попреченост. Доколку има промена во епидемиолошката состојба, како што посочи Мехмедовиќ, ќе бидат разгледани параметрите и Комисијата ќе препорача нови мерки за заштита од вирусот. Во однос на исполнетоста на болничките капацитети, тој информираше дека согласно податоците од Клиниката за инфективни болести, сè уште има доволно болнички капацитети што можат да се стават на располагање, но забележан е зголемен број на амбулантски прегледи на Инфективната клиника. Во текот на изминатото деноноќие од вкупно 1.129 тестирања, регистрирани се 355 нови случаи на Ковид-19, од кои 89 се реинфекции. Починато е едно лице од Скопје во болнички услови и едно лице од Струга во домашни услови. Во моментов активни се 1.474 случаи на вирусот. ки/сп/

Остани поврзан