• недела, 21 јули 2024

Метанот останува голем глобален проблем

Метанот останува голем глобален проблем
Подгорица, 16 октомври 2022 (МИА) - Во пресрет на Конференцијата за климатски промени, која се одржува во ноември оваа година во египетското одморалиште Шарм ел Шеик, има се помалку очекувања дека светот ќе може да дејствува обединето, да се соочи со веќе сериозните последици од климатската криза и да се договорат за синхронизирано дејствување во иднина, сметаат зелените активисти, пренесува РТЦГ. Тие вчера потсетија дека пред точно една година повеќе од 100 земји се приклучија на напорите предводени од САД и Европската Унија за намалување на емисиите на стакленички гасови метан за 30 отсто до 2030 година во однос на нивото од 2020 година. Пактот е дел од иницијативата насочена кон решавање на еден од главните причини за климатските промени. Ветувањето за намалување на метанот беше лансиран на самитот COP26 во Глазгов и вклучува земји кои претставуваат речиси половина од глобалните емисии на метан и 70 отсто од глобалниот БДП. - Заедно сме посветени на заедничко намалување на метанот за 30 отсто до 2030 година. И мислам дека можеме да одиме подалеку од тоа, рече американскиот претседател Џо Бајден во Глазгов минатата година. Меѓу новите потписници е и Бразил, еден од најголемите емитери на метан. Ветувањето за глобално намалување вклучува шест од 10-те најголеми светски емитери на метан: САД, Бразил, Индонезија, Нигерија, Пакистан и Мексико. Но, како што тврдат зелените активисти, од потпишувањето на тој протокол, речиси ништо не е направено за спроведување на обврските на потписниците. Само Велика Британија вчера објави дека до 2030 година на нула ќе ги намали емисиите на метан при производството на нафта. Метанот е многу помоќен стакленички гас од јаглерод диоксидот и ја задржува топлината 80 пати поефикасно во период од 20 години. Количеството на метан во атмосферата е два и пол пати поголемо од прединдустриското ниво и постојано се зголемува. Последните најави кои пристигнуваат од Брисел и Вашингтон потврдуваат дека тешко дека порастот на температурите ќе се задржи под посакуваната психолошка вредност од 1,5 степени над прединдустрискиот период, а единствена надеж за тоа е драстично намалување на емисиите на метан. Метанот доаѓа од многу места, помалку од половина доаѓа од природни извори како мочуриштата, а остатокот доаѓа од човечки активности, најмногу земјоделство, производство на нафта и гас и депонии. Најлесно е да се контролираат емисиите од секторот на фосилни горива, кој произведува околу една четвртина од емисиите на метан или природен гас. Истекувањето од старите нафтени бунари или постоечките нафтоводи во САД и Русија се толку големи што може да се откријат од вселената. ссм/

Остани поврзан