• сабота, 23 ноември 2024

Месец на Франкофонијата: Претседателот Пендаровски на час по француски јазик во гимназијата „Орце Николов“ во Скопје

Месец на Франкофонијата: Претседателот Пендаровски на час по француски јазик во гимназијата „Орце Николов“ во Скопје

Скопје, 7 април 2022 (МИА) - По повод завршувањето на Mесецот на Франкофонијата, претседателот Стево Пендаровски во придружба на францускиот амбасадор Сирил Бомгарнтер, денеска ги посети билингвалните франкофонски паралелки во СУГС Гимназија „Орце Николов“ во Скопје.

Претседателот, како што информира неговиот кабинет, бил запознаен со наставната програма на билингвалните франкофонски паралелки, меѓународната соработка што ја остваруваат со француските гимназии и заедничките педагошки проекти, можностите за училишни размени и образовните перспективи на учениците во иднина.

Во разговорите со професорите и учениците од четврта година, претседателот Пендаровски посочил дека учењето во билингвалната франкофонска паралелка претставува одлична можност не само за комуникација и усовршување на францускиот јазик, туку и за размена на искуства, посета на Франција и запознавање со богатата француска традиција и култура, и продолжување на високото образование на еминентни француски универзитети.

-Со билингвалната настава, гимназијата „Орце Николов“, се вбројува меѓу институциите кои имаат активна улога во промоција на францускиот јазик и франкофонската култура. Со негување на франкофонската традиција го продлабочуваме пријателството со Франција и го јакнеме чувството на солидарност со францускиот народ, посочил претседателот Пендаровски, додавајќи дека особено е горд што наши ученици образованието го продолжуваат и го завршуваат на реномираните француски универзитети.

Гимназијата „Орце Николов“ е првата гимназија со билингвална франкофонска настава во Северна Македонија, која е воведена во учебната 2000/2001 година и го поседува брендот за квалитет за билингвална настава „Label Franc Education“, што го доделува француското Министерство за Европа и надворешни работи.

Во моментов, билингвална франкофонска настава по предметите хемија, математика, историја и географија посетуваат 106 ученици од оваа гимназија. сст/ац/

Остани поврзан