„Мерцедес-Бенц“ ги предупреди купувачите за проблем во системот на ладење во неколку модели
- Проблемот е во системот за ладење што може да доведе до пожар, додавајќи дека во овој миг не може да ги повлече возилата бидејќи не може да ги набави потребните делови.
Минхен, 5 јануари 2022 (МИА) - „Мерцедес-Бенц“ ги извести сопствениците на неколку негови луксузни автомобили за проблем во системот за ладење што може да доведе до пожар, додавајќи дека во овој миг не може да ги повлече возилата бидејќи не може да ги набави потребните делови.
Проблем е можното истекување на течноста за ладење од пумпата, што може да доведе до загревање на делови од возилото. Неисправна пумпа е инсталирана во модели ГЛЕ / ГЛС (платформа 167), Ц-класа (платформа 205), Е-класа (платформа 213), С-класа (платформа 222), С-класа (платформа 223), Е-класа купе / кабриолет (платформа 238), ГЛЦ (платформа 253), ЦЛС (платформа 257) и Г-класа (платформа 463), наведуваат тие.
„Во меѓувреме, со возилата треба да се постапува со голема претпазливост и нивната употреба да се сведе на минимум. Сопственикот на возилото што треба да се повлече секогаш може да контактира со најблискиот сервисен партнер на ’Мерцедес-Бенз‘,“ се наведува во соопштението на компанијата.
„Дајмлер“ не ја потврди информацијата на весникот „Билд“ дека неисправниот систем за ладење можеби го имаат 800.000 автомобили. си/сд/