• вторник, 24 декември 2024

Мерко со апел за рационално користење на водата од градскиот водовод и редовно плаќање на сметките

Мерко со апел за рационално користење на водата од градскиот водовод и редовно плаќање на сметките

Струга, 1 август 2024 (МИА) - Градоначалникот на Општина Струга Рамис Мерко ги повика граѓаните рационално да ја користат водата за пиење и редовно да ги подмируваат сметките за потрошена вода.

Злоупотребата на водата за пиење, нагласува, останува вознемирувачки проблем во летната сезона во Струга и околните села. Попроблематични, според него, како за злоупотреба и нерационално користење, така и за наплата, се периферните области.

- Оваа порака има за цел да привлече внимание на грижата за водата и да апелира до сите да помогнат во администрирањето и управувањето со изворите на вода за пиење, посочува Општина Струга.

Екипи на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ и претставници од месните заедници од струшките села излегуваат на терен да контролираат злоупотреби на вода од градскиот водовод.

Директорот на претпријатието Дашмир Насуфи вели дека главен проблем е несовесноста на граѓаните, но и намалената издашност на изворите, поради високите температури и сушната зима. Тој посочи дека претпријатието располага со четири пумпи за снабдување со вода.

- Имаме и потопни пумпи со кои ги полниме резервоарите во текот на ноќта, па затоа има рестрикции од полноќ до четири часот наутро. Да немаше злоупотреби, со помош на потопните пумпи немаше да постои никаков проблем, вели Насуфи, нагласувајќи дека без соработка со
граѓаните претрпијатието е немоќно.

Од направените контроли на терен, за кои, кажа дека ги правеле со интервенција на полицијата, забележале дека водата од градскиот водовод се користи за наводнување на паркови и дворови. Уште еднаш ги повика граѓаните на рационално користење на водата за пиење и да не се
злоупотребува со што ќе се намалат проблемите со водоснабдувањето во текот на летната сезона.

Корисниците кои ја злоупотребуваат водата за пиење ќе бидат писмено предупредени, а во случај на повторување на прекршокот, согласно Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води ќе бидат казнети до 3.000 евра и исклучување од водоводна мрежа. сс/мд/

Фото: Општина Струга

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан