• вторник, 24 декември 2024

Меркел се обидела да ја забави кандидатурата на Украина за НАТО

Меркел се обидела да ја забави кандидатурата на Украина за НАТО

Берлин, 21 ноември 2024 (МИА) – Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел се обидела да го забави притисокот на Украина за брзо членство во НАТО за време на нејзиниот мандат, наведувајќи ја загриженоста за потенцијалната руска воена одмазда, според извадок од нејзините мемоари објавен од весникот Ди Цајт.

Мемоарите, насловени „Слобода. Спомени 1954 – 2021 година“, треба да бидат објавени следната недела во вторник.

Во книгата, поранешната лидерка на германската конзервативна Христијанско-демократска унија размислува за клучниот самит на НАТО во Букурешт во 2008 година, на кој се разговараше за кандидатурите на Украина и Грузија за НАТО.

Меркел ја признава силната желба на земјите од Централна и Источна Европа брзо да се приклучат на НАТО, но објаснува дека верува дека додавањето нови членки треба да ја подобри безбедноста не само за тие земји, туку и за НАТО како целина.

Меркел во книгата изразува особена загриженост за врските на Украина со Русија, особено за присуството на руската црноморска флота со седиште на украинскиот полуостров Крим, кој Русија подоцна незаконски го анектираше во 2014 година.

Таа пишува дека ниту еден претходен кандидат за НАТО не се соочил со таква ситуација и дека сложените воени преплетувања можеле да претставуваат ризик за алијансата.

Во тоа време, таа исто така истакна дека само малцинство од украинското население го поддржува членството во НАТО.

Пристапот на Меркел кон Украина се уште се соочува со критики во Киев.

Меркел зборува и за компромисот што на крајот беше постигнат, но по значителна цена.

Поранешната канцеларка пишува дека неуспехот да им се понуди на Украина и Грузија јасен акционен план за членство беше назадување за нивните аспирации, додека поширокото ветување на НАТО за идно членство на двете земји претставуваше директен предизвик за руските интереси, што таа го сметаше за провокација за рускиот претседател Владимир Путин.

Книгата ќе биде објавена во над 30 земји, соопшти издавачот.

Меркел беше на чело на најголемата европска економија 16 години помеѓу 2005 и 2021 година. Таа беше и првата жена канцеларка во Германија. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан