Меркел денеска ќе ја добие наградата на ОН за справувањето со миграциската криза од 2015 година
- Ангела Меркел покажа голема морална и политичка храброст со тоа што помогна над еден милион бегалци да преживеат и закрепнат, изјави високиот комесар за бегалци Филипо Гранди за наградата за
Женева, 10 октомври 2022 (МИА) - Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел денеска ќе ја добие престижната награда од Агенцијата за бегалци на Обединетите Нации, поради начинот на кој нејзината земја прими над 1,2 милиони бегалци и баратели на азил во 2015 и 2016 година, јави ДПА.
- Ангела Меркел покажа голема морална и политичка храброст со тоа што помогна над еден милион бегалци да преживеат и закрепнат, изјави високиот комесар за бегалци Филипо Гранди за наградата за бегалци Нансен.
Според него, Меркел покажа што може да се постигне кога политичарите дејствуваат поддржувачки и работат на решенија за светските предизвици, наместо само да ја префрлат одговорноста на некој друг.
Летото 2015 година, Меркел ги отвори границите на нејзината земја и на Германците им се обрати со популарното „Wir schaffen das“, што во превод значи „Ние можеме да го сториме ова“, пречекувајќи ги бегалците кои бегаа од воено-опустошената Сирија, како и од други земји, а меѓу нив Ирак, Авганистан и Еритреја.
Наградата за бегалци Нансен, што УНХЦР ја доделува секоја година, е во вредност од 150.000 долари. Таа го носи името на Фридјоф Нансен, норвешки поларен истражувач и хуманитарец кој ја добил Нобеловата награда за мир во 1922 година. бд/сд/