• сабота, 23 ноември 2024

Мерката „упатување во ВПД“ малолетничките ќе ја издржуваат во Волковија, вели Тупанчевски

Мерката „упатување во ВПД“ малолетничките ќе ја издржуваат во Волковија, вели Тупанчевски

Скопје, 20 октомври 2022 (МИА) - Малолетничките на кои им е изречена мерката „упатување во воспитно-поправен дом“ ќе ја издржуваат во ВПД „Волковија“ во Тетово каде што условите се многу подобри од оние во кои три девојчиња до скоро ја издржуваа оваа мерка во адаптирани услови во Затворот во Идризово.

Информацијата дека девјочињата мерката ќе ја извршуваат во Тетово денеска на настанот насловен „Преглед на реформите поврзани со правдата на децата” ја потврди министерот за правда Никола Тупанчевски на прашање на МИА коментирајќи го Извештајот на Европската комисија во кој се нотирани несоодветни услови за малолетничките во Идризово.

- Во таа насока ние веќе како Министерство за правда реагиравме, постапивме по тие препораки – забелешки и тој проблем инстантно е решен. Меѓутоа, работиме на системско решавање на проблемот затоа што претпоставувам дека знаете има посебна установа во близината на Тетово каде што практично претставува институција за згрижување на децата, коишто пријавуваат девијантно однесување. Во таа насока Министерството за правда работи на изнаоѓање на системско и трајно решение во однос на статусот на децата и како извршители на кривични дела, истакна Тупанчевски.

На прашањето на МИА дали од сега малолетничките ќе бидат упатувани во „Волковија“, Тупанчевски рече, „да“ и потсети дека тој пред неколку месеци, заедно со директорот на Управата за извршување на санкции биле на лице место, увиделе каква е состојбата и реагирале.  

Судијата Лазар Нанев, пак, минатиот месец на прашање на МИА за условите на девојчињата во ВПД информира дека женските деца кои се наоѓале во одвоениот дел во Идризово, се отпуштени. На прашањето што доколку има потреба од упатување други девојчиња во ВПД, Нанев рече дека сè уште нема институција исклучиво за девојчињата, бидејќи ВПД во Волковија е само за момчиња, така што, тие би биле сместени повторно во Идризово. – Не можат да бидат сместени и девојчињата и момчињата во иста градежна целина. Исто ќе бидат сместени. Ние сè уште немаме посебна институција исклучиво за женски лица, и нормално, најголемиот дел од критиките доаѓа токму од меѓународната заедница во која насока треба да се движи државата. Една од нашите активности е токму во делот дека државата мора во наредниот временски период да изнајде решение, односно да создаде институција која според своите архитектонски градежни решенија ќе биде издвоена од КПД Идризово каде што казната ја издржуваат полнолетни машки и женски лица, додаде Нанев. МИА ја отвори оваа тема при посетата на ВПД – Волковија, каде забележавме одлични просторни услови за издржување на оваа мерка, меѓутоа, објектот е наменет само за момчиња. Девојчињата на кои им е определена ова мерка се упатуваат во Идризово. Во сторијата на МИА за условите во импровизираниот ВПД за девојчиња во Идризово беше објавено дека кога имаат потреба од нешто, малолетничките, сместени во адаптирана соба во ходник во рамките на Казнено-поправната установа Идризово, се принудени да викаат преку прозорецот од тоалетот, бидејќи немаат уред за повик до службите. Овие штитенички, спротивно на законот, беа сместени во просторија која не обезбедува целосна изолација, односно оневозможување контакт со осуденичките со кои се во допир при добивање на храната и при користење слободно време за прошетка на отворено. Малолетничките беа сместени во една трошна и студена просторија за која во разговор со екипата на МИА изјавија дека понекогаш нема и вода. Единствена активност таму им е цртањето и прошетката во дворот, што го делат со останатите возрасни затворенички и за кој мора да чекаат слободен термин.   За разлика од нив, штитениците во Воспитно-поправниот дом – Тетово, каде тогаш беа сместени 21 момче, имаат уредни, опремени соби, тоалети, училници, вежбалница, игралишта на отворено, менза, работилници и многу други алтернативи со кои на креативни начини го исполнуваат нивното слободно време. Со штитениците во Волковија работи тим од воспитувачи, како и психолог, педагог и социолог, додека, во Идризово, малолетничките имаа само една воспитувачка која ја делат со сите останати затворенички. бк/ац/

Остани поврзан