• понеделник, 23 декември 2024

Меморандум за соработка меѓу МОН и Француската амбасада за промоција на францускиот јазик во земјава

Меморандум за соработка меѓу МОН и Француската амбасада за промоција на францускиот јазик во земјава
Скопје, 28 септември 2022 (МИА) - Министерот за образование и наука Јетон Шаќири и амбасадорот на Франција Сирил Бомгартнер денеска потпишаа меморандум за соработка, чија цел е заживување на наставата по француски јазик во училиштата и универзитетите во земјава. Министерот Шаќири истакна дека со меморандумот МОН ќе се посвети на поттикнување на изборот на францускиот јазик во основните и средните училишта преку воспоставување  активности за негов развој, изработка на алатки за промоција на францускиот јазик и организација на настани наменети за раководните и педагошките тимови во училиштата, како и зајакнување на наставата по француски јазик во основните и средните училишта преку обезбедување модерни технолошки помагала, организација на педагошки обуки во Франција, вмрежување на училишта од Франција, Северна Македонија и регионот. -Министерството за образование и наука ќе им ги стави на располагање на основните и средните училишта алатките за промоција на францускиот јазик, изработени во рамките на регионалниот проект на француското министерство за Европа и надворешни работи и ќе го поттикне нивното користење од страна на училиштата кај учениците и родителите, изјави Шаќири. Како што соопшти за Министерството за образование и наука, Амбасадата на Франција, пак, ќе создаде мрежа на училишта под брендот „Го сакам францускиот“. -Училиштата од оваа мрежа ќе бидат опремени со интерактивни панели наменети за кабинетите по француски јазик, а воедно Амбасадата ќе ги покрие и сите трошоци за педагошка обука во Франција на шест професори од основните и средните училишта, кои ќе бидат избрани врз основа на досие за кандидатура, изјави францускиот амбасадор  Бомгартнер. хс/дма/  

Остани поврзан