• сабота, 23 ноември 2024

Мексиканска претседателка не го покани шпанскиот крал на својата инаугурација затоа што не се извинил за колонијалните злосторства

Мексиканска претседателка не го покани шпанскиот крал на својата инаугурација затоа што не се извинил за колонијалните злосторства

Мексико Сити, 26 септември 2024 (МИА) – Новоизбраната мексиканска претседателка Клаудија Шајнбаум одби да го покани шпанскиот крал Фелипе на нејзината инаугурација на 1 октомври, бидејќи тој не се извини за злосторствата извршени врз домородното население на Мексико пред 500 години.

Шајнбаум рече дека Шпанија го игнорирала писмото од 2019 година од нејзиниот претходник на функцијата, Андрес Мануел Лопез Обрадор, во кое се повикува на извинување за „злоупотребите“ од колонијалниот период, јави Гардијан.

Обрадор тогаш испрати писма до шпанскиот крал Фелипе и папата Франциск, барајќи од нив да се извинат за „злоупотребите“ за време на освојувањето и колонијалниот период кога биле кршени човековите права на домородните народи во Мексико.

Во тоа време, шпанската влада одби да се извини, велејќи дека цврсто ја отфрла содржината на писмото.

- За жал, на писмото никогаш не беше директно одговорено, како што бара најдобрата дипломатска практика, рече Шејнбаум.

Според неа, наместо тоа, дел од писмото протекол во медиумите, а мексиканската влада не добила директен одговор по ова прашање.

Шпанскиот премиер Педро Санчез беше поканет на церемонијата на полагање заклетва на 1 октомври, додека шпанскиот крал Фелипе не е поканет, но Мадрид соопшти дека никој од шпанските претставници нема да учествува на инаугурацијата на кое било ниво.

Санчез на прес-конференција на Генералното собрание на ОН вчера рече дека Мадрид не може да го прифати исклучувањето на кралот Фелипе од инаугурацијата и оти нема да има дипломатски претставник од шпанската влада како знак на протест до мексиканската влада. јт/

Остани поврзан